"Фламенко утопија" од Надија Реброња на македонски јазик во издание на ПНВ Публикации

 Деновиве од печат излезе стихозбирката "Фламенко утопија" од Надија Реброња од Србија. Препевот на македонски е на Искра Пенева, а книгата е издание на ПНВ Публикации од Скопје. 


За книгата рекоа:
 
„Надија Реброња напиша многу необична и вонредна поетска книга. Необична, затоа што „Фламенко утопија“ е еден вид внатрешен поетски патопис, во кој не се патува низ просторот, туку низ културата, и се ѕирнува во човечките души, за да се наслушне нивниот егзистенцијален копнеж по Смислата. Затоа ова е поетски патопис, напишан со душите на другите луѓе, а шпанскиот простор, идентитет и култура во него транспонираат во поетски слики и метафори во посебна емотивна состојба, при којашто туѓото станува свое низ слоевитиот идентитет на лирскиот субјект. Лирското многугласје, како карактеристична интеркултурна стихозбирка, е вистински книжевен настан во неодамнешната книжевна пракса.“  ̶ Енвер Казаз
 
„Мистериозна, Надија Реброња ја преиспитува смислата на поезијата, смртта на авторот, обмислува за градовите, за градовите во однос на самате самата себе, и тоа не без одредена иронија. Создавајќи свој симболичен простор од Андалузија, „Фламеко утопија“ се гради низ книжевното искуство, но претставува и критика на општеството. Како таква, се обидува да најде други патишта за уметноста и самиот живот.“ ̶ Хавиер Гутиерез Лозано
 
„Овие исповедни субјективитети ни се посочени во светло на декомпонираните слики од секојдневието, со што се добива впечаток дека стиховите се напишани со филмски ракопис, дека се како слики направени со филмска камера. Поетесата речиси кинематографски прецизно успева да го долови моментот и иако споредбата не е невообичаена, со еден вид поетски кино-стил таа многу се доближува до поетиката на еден голем творец во областа на филмската уметност – до поетиката на Вим Вендерс.“ ̶ Ивана Мијиќ Немет
 
 
Во прилог, избор песни од стихозбирката:
 
 

 
фредерик, уметник-фотограф, на гранада
 
 
постојат пејзажи
совршени за злосторство
таму каде што градот те прегрнува
те стегнува меѓу дланките на гигантските зданија
те пушта да истечеш во облините на улиците
каде што фонтаните ти го мијат сеќавањето на сопственото име
 
таму злосторникот ти дозволува
да оживееш само на плоштадите
на плочниците
и во насмеаните девојки на нив



 битрис, поетесата од хипи-кланот на перофлаути

   
 
моите татковци се
широките прерии
персиските шари
андалузиските села
фонтани и плоштади
 
моето минато се
возовите на толстој
сестрите на шекспир
визбите на борхес
 
нека им ги излеат во бронза
лицата на некои други
повеќе ги сакам лисјата
од историите


 свирачи во метро 
 
ние сме белиот простор
врамен со бројот нула
кругот е хоризонт
кругот е јамка
околу вратот

 

алонсо и алдонса
 
го убивме авторот
сега рицарски се задушуваме
во неговата крв



ролан и џудит, пијани 
 
 
писателот е мртов.
да живее писателката!



 
Надија Реброња (Нови Пазар, Србија, 1982) е поетеса, есеист и книжевен критичар. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Поезијата ѝ е објавена во списанија и зборници во странство и преведена е на неколку светски јазици (англиски, шпански, италијански, француски, германски, полски, турски, персиски, арапски, македонски и словенечки). Со поезијата од нејзината книга Танц по морињата во италијански превод, 2016 година, направени се осум композиции на Конзерваториумот Николо Пицини во Бари, коишто беа претставени на неколку концерти во Италија, во Данска и во САД. Како истражувач-научник престојувала на Универзитетот во Виена (2009) и на Универзитетот во Гранада (2010-2011). Како предавач одржала неколку предавања на универзитетите во Панама на шпански јазик. Добитничка е на Признанието за поезија од градоначалникот на градот Пенономе во Панама.
Објавени стихозбирки: Танц по морињата (Нови Пазар, 2008) и Фламенко утопија (Краљево, 2014).
Научна студија Дервишот или човекот, животот и смртта (Белград, 2010).
Книги на странски јазици: Alfa, Alef, Elif, поезија, избор на шпански (Гранада, Шпанија, 2011); Flamenco utopia, поезија, на шпански (Мексико Сити, Мексико, 2017), Borges'in Gözlerinden, поезија, на турски јазик (Анкара, Турција, 2018).