Охрид интензивно се подготвува за големиот христијански празник Богојавление - Водици

 Во духот на православието и традицијата, Охрид и годинава на 19-ти јануари ќе биде центар на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици, а илјадници верници се очекува да присутвуваат на Богојавленскиот водосвет и традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

-Оваа манифестација е од исклучително значење за нашиот град и вистинска радост за охриѓани, за нашите гости и за целиот православен свет, па затоа и годинава максимално сме посветени на целокупните подготовки и внимателно ги планираме сите детали. Дополнителна причина за посветен ангажман и беспрекорна организација е и тоа што годинава одбележуваме јубилеј- 30 години од првата масовна организација на овој празник на охридското градско пристаниште. Оваа можност ја користам да искажам голема благодарност до сите охриѓани кои се вклучени во планирањето и организацијата на овие празнични денови. Упатувам благодарност до Дебарско-кичевската епархија, сите институции и поединци кои даваат свој придонес и годинава да имаме еден величествен ден и еден народен собир кој ќе биде достен на значењето и вредностите на овој голем празник, истакна градоначалникот Константин Георгиески, на прес конференцијата, на која беа изнесени детали за чествувањето на празникот и целокупната организација.

Како и секоја година, организацијата на Богојавленскиот водосвет ќе биде составен од два дела. Првиот дел е верскиот или црковниот дел, кој согласно православните начела го организира и спроведува Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот дел е граѓански дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната организација на настанот и целокупната пропратна програма.

-Со оглед на тоа што празникот е во викенд, очекуваме голем број гости од земјава и од странство и исполнети сместувачки капацитети. Со цел да ги поддржат богојавленските чествувањa и да придонесат за поголем број на гости, охридските хотели и годинава нудат сместување по симболична цена од 15 евра по лице за сместување на ден, во периодот од 16-ти до 20-ти јануари. Исто така во насока на збогатување на содржините за гостите, во рамки на празничната програма, Општина Охрид организира и голем концерт на балканската музичка ѕвезда Патар Грашо, кој ќе се одржи во пресрет на Водици на 18-ти јануари со почеток во 20 часот на Градскиот плоштад, информираше градоначалникот Георгиески.

 Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари со Денот на рибарите, односно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител.

 Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини и концерт на македонската фолк ѕвезда Миле Кузманоски. И оваа година се организира подготовка на рибна чорба во голем казан, која ќе биде послужена на сите гости. Оваа манифестацијата ќе се одржи напладне на Градскиот плоштад.



Извор: www.ohrid.gov.mk