Од печат излезе "Сивиот плоштад" - првиот роман на Сашо Огненовски

 Деновиве од печат излезе „Сивиот плоштад“  ̶  првиот роман на Сашо Огненовски,  во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.
 
Сивиот плоштад освен што не треба туку и не може да се спореди со ниту едно друго прозно дело од македонската современа книжевност. Благодарение на авторовата условно речена љубов за филмот и театарот или пак безусловно речено на неговата ерудитност за филмот и театарот, Сивиот плоштад е прозно дело - роман, но со филмска сценографија и со драмски дијалог, со еден збор, романот е адреналински. Од прологот до крајот.“ ќе рече Лилјана Пандева во поговорот кон овој роман.
 
Сашо Огненовски е писател, актер и комуниколог. Досега издал пет збирки поезија: Лавина, Плодовите на гневот, Пустински цвет, Сума и Менување на минатото, две пиеси за возрасни и четири пиеси за деца. Неговите дела се преведувани на англиски, српски, бугарски и арапски јазик. Застапен е во поетски антологии во земјата и во странство. Уредник е на книжевното списание „Книжевни елементи“. Преведува од српски и англиски јазик. За својата поезија добитник е на наградата ИЊА Богдани од Косово и на наградата на Друштвото на преведувачите од Црна Гора.