Да се чуе гласот на авторот!

 Новогодишно интервју со Јулијана Величковска, основач на ПНВ Публикации  


 Се ближи крајот на годината и, обично, тоа е период кога се сумираат впечатоците од она што поминало, се прават анализи за сѐ што се сработило, се крунисуваат успесите, се подготвуваат плановите за следната година.

 Ние работевме, креиравме, информиравме за вас, а голем дел од работата не би ја реализирале без нашите редовни соработници, поддржувачи, пријатели, кои неуморни во своите дејности, ја дополнуваат нашата ризница од информации, и на тој начин редовно соработуваат со вас, читателите.

Годинава што веќе изминува, остваривме соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, постојано ве информиравме за нивната дејност, новите изданија, бројните промоции и слично, па ред е да ги сумираме работењето, успесите и плановите на нивниот тим, а за таа цел, наш соговорник е Јулијана Величковска, основач на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.
 
Јулијана, имавте исклучително плодна година ако се суди според бројот на промоциите што ги одржавте ширум републикава. Кажете ни нешто повеќе за Вашата работа минатава година.

Да, навистина е така! Имавме навистина плодна година, издадовме триесетина книги, организиравме исто толку промоции, се создадоа многу нови пријателства и навистина, многу сме среќни што на македонски преведовме неколку одлични и светски познати, квалитетни автори, а уште повеќе нѐ радува и успехот на нашите автори во земјава и во странство. Еве најтазе беше преводот на српски на романот „Доилката“ од Лилјана Пандева, книга што се закити и кај нас со наградата „Стале Попов“, што ја доделува ДПМ, но еве доби и две награди во соседна Србија.

Годинава издадовме двојно повеќе книги од просекот во сите изминати години. Таква цел си поставивме и среќни сме што успеавме во тоа. Беше навистина напорно со мал тим да издадеме триесетина книги, но она што е карактеристично за нас, помалите издавачи, е тоа дека работиме со многу љубов и посветеност, небаре изработуваме дрворез, и навистина, ако нешто се сака, може и да се оствари.

Што се однесува на промоциите, морам да изразам огромна благодарност до господинот Мишо Јузмески, кој ни го отстапи својот простор во „Култура 365“ на улица „Самоилова“ во Охрид, при што во рамки на манифестацијата ЛУНУС, промовиравме повеќе од десет наши изданија. А, исто така, наидовме и на голема поддршка од Младинскиот Културен Центар во Скопје, и најсрдечно им благодариме и ним, оти речиси сите скопски промоции на нашите изданија се случија токму таму.
 


Водејќи се од едно од вашите начела „Да се чуе гласот на авторот“, воведовте новини во промоциите, кажете ни нешто повеќе за тоа?

Па, да. Во моментот кога летото во Охрид се најдов пред задача да бидам промотор на повеќето од нашите изданија, сфатив колку, всушност, многу повеќе сакам да слушам одошто да зборувам. Сакав да се слушне гласот на авторот, но уште повеќе, сакав да се слушне и гласот на публиката!

Имајќи предвид дека книгите што се промовираа летото на ЛУНУС, веќе беа објавени и промовирани претходно, за време на и периодот околу Саемот на книгата во Скопје, беше очекувано дека меѓу сите тие луѓе во публиката, ќе има и такви што веќе ја прочитале книгата. И тогаш решив дека себеси не сакам да се ставам во улога на промотор на книгата, туку како модератор, да ја претставам книгата до мера да ги „заскокоткам“ луѓето што не ја прочитале, но многу повеќе, читателите да слушнат што има авторот да каже за своето дело и таа средба да биде еден разговор меѓу сите присутни, за самата книга, за темата што книгата ја третира, за творечкиот процес итн.

Премногу често се наоѓаме на промоции на книга на која промоторот должи со некој стручен текст за делото, текст што сметам дека би било најдобро да се објави во некој од печатените или електронските медиуми за култура, или пак, како поговор во самото издание, потем, некој друг, најчесто актер, ги изговара зборовите на авторот, а нему/нејзе му/ѝ останува само срамежливо да се заблагодари на крајот на промоцијата.

Пишувањето книга е долг процес и чувствувам потреба и одговорност на промоциите на книгите да им се даде глас на авторот и на самото дело, оти тие се ѕвездите на настанот!

Исто така, важно ми е да им се доближи и процесот на создавање на едно дело, особено на помладите читатели, оти, можеби, меѓу нив има и некои идни автори, а исто така, сакам да делувам кон тоа и луѓето повеќе да читаат, па често ги прашувам и самите автори за тоа која е нивната лектира, што тие самите читаат и кои се нивните книжевни влијанија, оти се покажа дека така, луѓето од публиката ги чувствуваат за поблиски, веќе имаат нешто заедничко и така разговорот многу полесно тече.

И, на крајот, собено многу ме радува што гледам дека ваквиот тип на промоции вроди со плод, се создаде убава комуникација меѓу авторите и читателите и се радувам што гледам дека дури и неколку од нашите колеги издавачи мошне брзо го увидоа тоа и го презедоа овој модел на книжевна промоција, давајќи им со тоа повеќе простор на авторите да се изразат и отворено и непосредно да зборуваат за своите дела со читателите.



Каква е состојбата со издаваштвото, има ли иднина за независното издаваштво?

Генерално, состојбата со издаваштвото сметам дека е лоша. Кога велам генерално, збурувам дека ситуациите се такви на светско ниво за сите  издавачи што издаваат некомерцијални и уметнички книги. Во најголем процент, нашите изданија се стихозбирки, и тажно е што е така, но постои некој чуден однос кон поезијата кај нас, речиси сите ја пишуваат, а малкумина ја читаат. А од оние малкумина што ја читаат, уште помалку се тие што ја купуваат. Затоа, издавањето на овие книги секогаш е направено со многу жртви, но и со многу љубов и пријателство. Но чувствувам општествена одговорност да ја одржувам македонската поезија во живот и постојано барам начин да ја афирмирам истата. Поезијата, општо, се смета за загрозен книжевен вид и како и рисот на нашето лого, сакам да направам сѐ што е во моја моќ да ја има што повеќе! Како што вели и еден скопски графит: „More poetry is needed!“
 
Која е улогата на министерствата за култура, бидејќи, според бројот на говорители на македонскиот јазик, тешко може да зборуваме за  книжевен пазар особено за поуметничките книжевни форми?

Книжевниот пазар кај нас, спореден со книжевниот пазар надвор, особено во англиското говорно подрачје, е тезга, од оние картонските! Она што ме прави особено тажна е тоа што низ годините имаме сериозен проблем со тоа колку средства се доделуваат за издаваштво од страна на Министерството за култура. Имам впечаток дека нам ни отпаѓа најмалото парче од колачот, а ни тоа не е рамноправно и правично поделено. Поголемите и посилните браќа, кој со клоци, кој со лакти, кој со шарм, секогаш добиваат повеќе, а многу навистина вредни дела, остануваат одбиени или треба да се задоволат со трошките, па ако се пожалиме, се случува онаа добро позната сцена кога Оливер Твист се дрзнува да побара уште малку храна.

Многу нешта треба темелно да се изменат во начинот на функционирањето на министерството за култура и како истото ги поддржува своите творци и културни работници. Поплаките се навистина многу и основани. Од аспект на издаваштвото, сметам дека пред сѐ мора дел од буџетот да се издвои за книжевни преводи на странски јазици, оти како инаку нашите врвни автори би го добиле своето заслужено место на светската книжевна мапа, ако не допрат до читателите во светот?! Имаме многу позитивни примери од многу мали земји со малку говорители на јазикот, како и ние, па сметам дека најмалку што можеме е да ги примениме нивните модели, ако веќе не успеваме да создадеме свој.

Една од вашите маркетинг кампањи е и „Читајте македонски автори“. Особено популарни беа оние мемиња со цитати од делата на наши автори. Кажете ни каков е одѕивот кај публиката?

Нештата секој ден се подобруваат, со мали, би рекла, бебешки чекори, но сепак. Споредено со тоа каква беше состојбата во 2010 година, кога почнавме со работа отворајќи ја нашата книжарница „Кавказ“ во центарот на Скопје, и кога секојдневно ја слушавме фразата „Не читам македонски автори“, па устите ни фаќаа пена обидувајќи се да ги разубедиме муштериите, понекогаш дури и прераскажувајќи им ги книгите и споредувајќи ги и ставајќи ги рамо до рамо нашите автори со светски познатите писатели, денес веќе ситуацијата е подобра и сметам дека за тоа се заслужни токму ваквите мали издавачи како нас, што работат со љубов и со внимание и кога се работи за домашни автори, а со истата посветеност се однесуваат и кон преводите. Оти, додека „големите“ брзаат да ги продадат своите светски бест-селери, за кои не мора да се мачат ни да смислуваат рекламни кампањи, ние сме тука да донесеме нешто ново и квалитетно на книжевната сцена, за вистинските книгољупци.


 
Кои се Вашите идни планови. Следната година ќе биде и Вашата јубилејна 10-та година од основањето, што можат да очекуваат читателите?

Имавме навистина плодна година и посакувам следната година да биде нешто налик оваа, ние вредно работиме, веќе имаме десетина изданија во подготовка, но она што прави да чувствувам пеперутки во стомакот е идејата за првиот интернационален Скопски Поетски Фестивал, што ПНВ Публикации во соработка со уште неколку ентузијасти има намера да го организира следната пролет во МКЦ.

Скопје е нашиот главен град и знам дека има богата поетска сцена, ние поетите најдобро го знаеме тоа. Гладни сме за простор каде што вистински ќе може да се претстават квалитетните македонски поети, но исто така, гладни сме и за квалитетна современа светска поезија. Ни треба таа културна размена, тука, во главниот град. Насушно ни треба! И се надевам дека со помош на поддршката од пријателите и со љубов и посветеност, можеби не со првото издание, но понатаму, ќе успееме да го организираме најубавиот и најквалитетниот поетски фестивал во регионот. А тоа е така, оти ние поетите сме такви, со нозете на земја, но со главата во облаци! Сонот е голем и од сѐ срце се надевам дека ќе успееме и да го оствариме.

Ветуваме и одлични изданија, уште многу промоции и дружења, ветуваме книги изработени со љубов, посветеност и одговорност. И за крај, би сакала да им посакам на сите да се исклучат со книга за време на празниците, многу здравје и радости во новата година!