Денес се чествува Св.апостол Андреј Првоповикан

 Свети Андреј Првоповикан е христијански светец, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос. Тој има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.

 Тој е син на Јонин и брат на Свети Петар. Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и по занимање бил рибар. Се смета дека пред да стане апостол, Андреј бил ученик на Јован Крстител. Но според Евангелието на Јован, а кога Јован покажувајќи кон Исус рекол: „Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, отука и е наречен Првоповикан. 

 Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него. Присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос, потоа кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух. Во своето верување во Исус Христос, го повикува и својот брат, Свети Петар. Својата вера ја проповедал во Мала Азија, Грузија и Скитија поради што се смета за покровител на Романија и Русија. На Пелопонез во градот Патрас излечил многу болни и многу придобил за христијанската вера. Дури ги придобил и братот и снаата на градоначалникот поради што овој наредил да биде распнат на крст но не како Исус, туку во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи 70-годишниот Свети апостол Андреј се мачел пред да испушти душа.
 
  Руската православна црква го почитува како свој основач. Исто така, се смета дека Свети Андреј ја основал црквата и во Византион, денешен Истанбул. Денеска, константинополските патриарси се сметаат за негови директни наследници. За време на владеењето на цар Константин I Велики неговото тело е пренесено од Патрас во Цариград и е поставено во црквата на Светите Апостоли. Подоцна главата му е пренесена во Рим каде што и денес со многу почести се чува во базиликата Св. Петар. Неговиот празник е на денешниов ден, 13 декември.