Во понеделник ќе биде промовирана новата стихозбирка на Андреј Ал-Асади "Небесна геометрија"

 Во понеделник, 18 ноември, со почеток во 20.00 часот, во фоајето на кино „Фросина“ – Младински Културен Центар во Скопје, ќе се одржи промоција на најновата стихозбирка на Андреј Ал-Асади  ̶ „Небесна геометрија“, издание на ПНВ Публикации. Стихозбирката содржи триесетина песни поделени во три циклуси, а збогатена е и со неколку илустрации од Иван Дуковски.
 
 Книгата ќе ја претстават Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска во разговор со авторот. Музички гости на настанот ќе бидат Андреј Блажевски и Ирена.

 
 
 „Андреј Ал-Асади несомнено е еден од најпрепознатливите гласови во младата македонска поезија. Се појави тивко со своето средношколско првенче Midnight Blues, а веќе со Под дервишовото сиќе влезе во најтесниот избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата. Небесна геометрија е негов трет поетски ракопис, кој логично се надоврзува на претходната книга. Оваа книга изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекуисточната, индиската, но и референции кон арапската култура.“  ̶  Ѓоко Здравески
 
 Андреј Ал-Асади е роден 1996 година, во Лондон. Дипломирал на Економскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues" (2014) и „Под дервишовото сиќе“ (2018). За збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“. Учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата.
 

 
КАДЕ ШТО НЕМА НИШТО, ТАМУ Е БОГ
 
 
Тој што ги носи нашите молитви в дланка
До прагот од нивниот дом
И штом стигне, ги бакнува, ги предава
Па тивко умира
Тој што си го испразнил срцето како дрвена чашка
И повторно кон небото го подава
За него птиците си имаат свои кралства
И пеперугите своја бол
Тој што беше затекнат гол
На крстопатот од поразени сништа
Талкаше наспроти крвта
И пееше наспроти ветрот
Молчеше пред секое прашање
Иако го паметеше секој збор
Тој што сновеше со сета сила
Како да му е првпат
Ги вардеше нашите молитви
Да допатуваат на место
Тој што знае оти љубовта е курбан
И во неа ќе се врати сѐ.

 
ЦРНА ПЕСНА
 
 
Секогаш црна
На црно
Во црно
Се распетлува
Ко солза во мракот
Ил’ ѕвездена опачина
Црно е предворјето
На нејзините сништа
И црни столбовите
На нејзината душа
Ко црна понорница
Црно лисје
Црна пеперуга
Што се прпелка
Црна таа в црна дланка
Си починува во сенката од зборот
За миг ја покажува белата насмевка
И од мислата црно мастило остава.
 
 
 
 

 
НЕБЕСНА ГЕОМЕТРИЈА
 
 
Колку што си помал
Светот ти се чини поголем
Мислиш дека зад секој агол
Се стуткал мракот
И смеата ќе трае колку и самиот живот
Дека на крошната од секое дрво
Мора да цутат бобинки
Имаш една единствена желба
Да ќинисаш што подалеку оддома
Да станеш цар врз трон од сладоледи
Со еден поглед да му заповедаш
На кучето опашот да си го збрка
На ренде да можеш да изрендаш планина
Да го слушнеш сонот на бумбарите
Плачот на црвот и кавгата меѓу лебарките
Да можеш да слушнеш и да видиш сѐ
Во една рака да ја држиш месечината
А во друга – срцето на светот да ти топоти
 
И ако некој некогаш посака да ти каже
Дека сето ова е нешто налик утрински сон
Дека ќе се стори зрно шаренило
Среде глинените наслаги на твојата душа
Дека ќе мине време и ќе станеш ранлив
Како секој друг, како оние околу тебе
Ти само ќе му се насмевнеш
И ќе си продолжиш под старото сонце.
 

 
НИЕ, ПОЕТИТЕ
 
 
Си играме со ритамот на сметка на граматиката
Со чувството на сметка на симетријата
Се обложуваме на мигот, на летот на душата
Ко да нема минато, а утрешницата е безимена
Фрламе две бели коцки наспроти вечноста
И чекаме...