Денес се чествуваат Светите Врачи Кузман и Дамјан

  Свети Врачи е еден од поголемите христијански празници од есенскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 ноември. Посветен е на големите лекари и христијански маченици Свети Кузман и Дамјан. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар.

 Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар). Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што ѝ го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. (Матеј, 10, 8) Поради тоа и двајцата се наречени бесребреници.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки итн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија.

Во охридскиот регион на овој ден масовно се посетува црквата посветена на Светите Врачи Кузман и Дамјан која се наоѓа во селото Речица.