За денешниот празник - Петковден

 Денес е  Зимски Петковден, голем христијански празник, особено славен и почитуван во Македонија. Тој е прв празник за домашна слава од зимките слави. Еден од обичаите кои се практикуваат на празникот на св. Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.

 Света Петка потекнува од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа била родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат (сабота). Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски. По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост. Нејзиниот долг пустински живот во молитва и пост може да биде спореден со 40 дневницата која што Исус ја спроведол в пустина. Кога св. Петка била стара, еднаш ѝ се јавил ангел и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Таму, таа поживеала уште две години и умрела во 11 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите биле пренесувани во Цариград, во Велико Трново (Бугариjа), па пак во Цариград, па во Белград. Сега, тие се наоѓаат во Романија, во градот Јаш. Во Белград постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера кон светителката.

Во Македонија народот често не ги разликува трите Параскеви - Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури.

Култот кон света Петка кај Македонците е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.