Уживајте во најубавиот поглед кон Охридско Езеро со тимот на TrekkMe

Сакате ли да го видите Охрид од висина и да го доживеете најубавото зајдисонце движејќи се по Галичица?

Утре, петок, 11 Октомври, бидете дел од едно несекојдневно уживање со тимот на TrekkMe. Учествувајте во една незаборавна тура, чиј старт е закажан за 11:30ч.

Стартот на турата е од село Горно Коњско до кое се пристигнува со организиран бесплатен превоз од Охрид (може да се дојде и со сопствен превоз до село Горно Коњско). Самата остра нагорнина навестува дека се искачувате прилично високо и веќе почнува возбудата од самата замисла каков неверојатен поглед ќе понуди ресторанот „Тераса Утарна“. По дегустацијата на храна и на пијалоци се почнува со лесно движење по Галичица.

Патеката која води низ селото Шипокно поминува и покрај преубави лозови насади, а во зависност од годишното време, може да се пробаат и питоми и диви овошки, кои ги има по нејзината должина.

Пред село Велестово е новоизградената црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во чијшто двор ќе биде направена кратка пауза. Оттука патеката продолжува под село Велестово, со константно благо спуштање. Погледот е единствен. На дланка е целиот Охридски регион, а со приближувањето кон Охрид, кој се наѕира низ попатните дрвја, се забележуваат и сите негови знаменитости. Пред сѐ „Св. Јован“ на Канео, Плаошник, Старата чаршија, а убедливо најдоминантна е Самуиловата тврдина. Нејзината импозантност може најдобро да ја забележите токму од оваа тура.

Турата ви нуди незаборавен ден. Перфектна комбинација на традиционална македонска храна и пијалаци, умерена физичка активност и најубав поглед кон најголемиот македонски бисер, Охрид со Охридско Езеро.

Почетна точка на турата е Охрид. Турата вклучува организиран бесплатен превоз до село Горно Коњско. Планинарската патека е со должина од околу 10 километри. Потребна е средна физичка подготвеност и соодветна облека и обувки. Просечното време за планинарење изнесува три часа.

Собирното место за сите заинтересирани е на паркингот пред спортската сала Билјанини Извори во 11:30 часот.