Време е за зимници. Подготвивте ли ајвар?

 Есента е период кога интензивно се подготвуваме за долгата зима, а особено актуелни се зимниците кои традиционално се подготвуваат во секое домаќинство.

Ајварот е најпопуларниот производ од зимниците, кој се подготвува речиси во секое семејство. За тоа како да направите совршено вкусен ајвар, може да се споделуваат различни рецепти, но секако, за вкусовите не се дискутира, бидејќи тие зависат од конзументите.

Ајварот може да се подготви само од црвени пиперки – ајварки, или пак, во комбинација на пиперки и модри патлиџани.

За да го подготвите рецептот со црвени пиперки и модри патлиџани, постапката е следна:

За доза од 30 кг. ајаварки, потребни се 8-9 кг модри патлиџани, околу литар и 800 мл масло за јадење, една мала шолја шеќер, исто толку бел оцет и сол по вкус.

  Патлиџаните се печат се лупат и се мелат во машината во која се мелат и пиперките. Пиперките се печат, лупат, и откако добро ќе се отстранат лушпите и семките, се оставаат да се исцеди вишокот течност, а потоа се мелат.

Во тавата во која ќе се пржи ајаварот се истура околу половина литар масло за јадење, па се ставаат мелените модри патлиџани да се запржат, а потоа се  додаваат и пиперките. Пржењето на ајаварот е 3-3,5 часа, на умерен оган со постојано мешање и додавање на останатиот дел од маслото за јадење. Пред крај на пржењето се додаваат зачините и алкохолниот оцет.

Ајварот е готов кога со лажицата додека мешате можете да го видите дното на тавата, односно ајварот кога ќе почне да се двои од садот.

Се складира во топли и суви тегли и се остава на топло до следниот ден.