Вечерва во рамките на ЛУНУС ќе биде претставена поезијата на охриѓанецот Пере Ристески

Вечерва, во 20.30 часот, во рамки на манифестацијата ЛУНУС во „Култура 365“ на ул. „Самоилова“ во Охрид ќе се одржи промоција на стихозбирките „Знаци на ветрот“, „Шафран“ и „Стрмец во хаику скротен“ од еден од најплодните домашни хаику автори, охриѓанецот Пере Ристески, сите во издание на ПНВ Публикации.
 

За творештвото на Пере Ристески ќе говори проф. д-р Димитар Пандев.
 

 
Во својата рецензија за Знаци на ветрот, Елена Пренџова ќе истакне:

Пере Ристески е единствениот исклучиво хаику-поет во Македонија. Громок во светските хаику-кругови и асоцијации (добитник на интернационални награди за хаику, објавуван во интернационални зборници во разни земји од светот), Ристески шепоти на домашното тло, и тоа само заради фактот што поетската форма на хаикуто кај нас сè уште споро патува од Јапонија...

Со Знаци на ветрот Ристески покажува дека веќе ја надминал фазата на „чисто“ хаику и дека продолжува понатаму, тонејќи во длабочините на ненаситното истражување. Со Знаци на ветрот Ристески се најавува не само како хаику-мајстор, туку и како автортрагач по форми- варијации на хаикуто. Следствено, Знаци на ветрот претставува збирка песни- куплети, односно двостишија – форма која претставува исход на поетските експериментирања со хаикуто и моностихот.
 
облаци
моите мисли барабанат
 
 
ветер див
подмами цутеж и замина
 
 
 
припек
проретчен црн облак се задава