Деновиве низа концерти на Интернационалниот младински оркестар BISYOC во Македонија

Интернационалниот младински оркестар BISYOC, кој за првпат престојува во Македонија, ќе одржи низа концерти почнувајќи од вторник 30.07. па се' до недела,04.08.2019 година.

 Имено,овој оркестар, како што стои во нивната биографија, промовира највисок степен на културна и социјална интеракција помеѓу младите луѓе од различни земји - преку создавање квалитетна музика заедно. Нивните почетоци датираат уште од 2001 година, кога диригентот Џулијан Гибонс, го формира оркестарот во Бедстоун, Велика Британија, како еден музички летен камп.
Неговата цел била да ги собере младите луѓе со различни музички цели и способности и да им даде шанса да искусат изведба во голем симфониски оркестар. Оваа идеја била одлично прифатена од младите, така што прераснува во една традиција долга 18 години, каде што млади ширум целиот свет, доаѓаат да ги споделат и разменат искуствата со други млади, заеднички свирејќи во овој симфониски оркестар.
  Оркестарот гостувал во повеќе држави, како Австрија, Шпанија, Германија, Малта и Норвешка, а оваа година, тие гостуваат во нашата држава, со преку 80 млади кои доаѓаат од Германија, Франција, Велика Британија, Норвешка, Нов Зеланд, Русија, Канада итн, но и со неколку изведувачи од Македонија.
 Нивниот престој овде е во х.Солферино, Струга, каде освен секојденвните проби со професионални тутори од целиот свет, е комбиниран и со посета на културните споменици во Охрид и Струга, запознавање со македонскиот фолклор и се разбира запознавање, дружење и разменување на искуства со млади од нашата држава.
Во вторник, среда и четврток, тие ќе одржат мини-концерти на отворено кај Споменикот на Револуција во Струга, како промоција на нивниот голем симфониски концерт, кој ќе се одржи на 02.08.2019 (петок), во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
 На 03.08. (сабота), ќе одржат концерт на отворено во Охрид, на просторот помеѓу Т.Ц.Амам и Жито Леб, а наредниот ден, во недела, ќе има реприза на големиот концерт повторно во Центарот за култура во Струга. Сите концерти се со слободен влез и достапни за секого. Организатор на концертите на отворено е Здружението за развој на културно - уметнички вредности ТАКТУС - Охрид.