Вечерва во Трпејца започнува осмото `На зајдисонце`

Во организација на Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ од Охрид од вечерва  до 29 јули во Трпејца  ќе се одржи  Културно – забавното лето „На зајдисонце“.

И ова издание  на манифестацијата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.

Честа да го отвори летото  ќе и припадне на Претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска а на чинот на отворањето се очекува да присуствува и градоначалникот  Мирослав Коварик од  општина Модра – Чешка.  

Први на  манифестацијата која од година во година привлекува сè повеќе туристи во оваа крајезерска населба ќе настапат игрaорците од  Фолклорниот ансамбл „Бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска Тренеска. На фолклорот и традицијата ќе им  претходи отворањето на ликовната изложба на отворено – избор на дела од  првото издание на Уметничката колонија „Трпејца 2018“  одржана во организација на истото здружение минатиот септември и помогната од Министерството за култура.

Публиката ќе може да ги види делата на охридските уметници: Ѓоко Симјаноски, Слободан Пупиноски и Свето Стефановски, како и на браќата Гоце и Владимир Илиевски од Скопје.

Денеска по 17 часот почнува дводневната работилница  за деца  „Цртаме на зајдисонце“ под раководство на уметникот Слободан Пупиноски. Ден потоа, но и наредните денови творбите на младите уметници ќе бидат изложени на фестивалската сцена.

Утре,  22 јули е резервиран за шлагери и серенади. Од Битола во Трпејца специјално доаѓа познатиот Сефедин Бајрамов за заеднички да се потсетиме на некогашните негови хитови. Концертот е насловен „40 години – Охридски спомени“ тоа е првата негова песна која всушност и му ја обележа кариерата. Со песна и вино Сефедин и публиката заедно ќе ги пеат старите, добри  рефрени од златното време на македонските шлагери. Концертот ќе започне во 20:30 часот.      

Од вторник ќе почне  Работилницата за театар со актерката Марија Новак чии плодови од неколку дневната работа публиката ќе може да ги види на 26 јули вечерта во Трпејца.

„На зајдисонце“  ја отвора својата мала сцена , но со големо срце и за гости надвор од Македонија. Истата вечер на 23 јули благодарение на нашинецот Александар Глигуроски кој има свој бизнис во Прага – и културни релации со општина Модра во Трпејца и Охрид ќе донесе над 80 членови на Фолклорно друштво и хор од Чешка.

Следните вечери на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца резервирани се за настапите на Куклениот театар „Си беше еднаш“ под раководство на Снежана Караџовска Попова, актерот Јован Цветкоски од НАТГ  „Аматер“ од Охрид, дуото „ДИС“ Денис и Стефани, групата „Сарај“ од Охрид.  

Посебна атрактивна е вечерта со младите музичари од ОМУ „Методи Патче“,  „Вечерна променада – со кајче по езерото“. 

Новина е дводневната работилница и настап на Клубот за модерен танц „Соната“ под раководство на Даниел Наумоски од Охрид.

Од веќе традиционалните активности ќе бидат застапени: „Фаќаме риба на јадица“, кајакарската регата „Номче Митрески“ и прошетката низ Националниот парк „Галичица“ по патеката Чоколско.

Здружението „За Трпејца со љубов“ ги поканува сите заинтересирани да бидат дел од публиката и напоменуваат дека сите настани ќе се случуваат под ведро небо и се бесплатни за сите кои сакаат да учествуваат и да ги гледаат. И годинава поддршка на манифестацијата даваат спонзори и донатори од Охрид и земјава како и жителите на Трпејца и посебно сопствениците на кафеаните.

 

ПРОГРАМА НА ЗАЈДИСОНЦЕ - 2019 

 

21 ЈУЛИ  - НЕДЕЛА

11.00 ЦРТАМЕ НА ЗАЈДИСОНЦЕ -  Работилница за деца со Слободан Пупиноски

20.30 СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ:

 - Изложба на слики од  Уметничка колонија  „Трпејца 2018“

-  ФА  „БИСЕРИ“ – Охрид 

22 ЈУЛИ  - ПОНЕДЕЛНИК

17.00  ЦРТАМЕ НА ЗАЈДИСОНЦЕ -  Работилница за деца

20.30  ИЗЛОЖБА  - ЦРТАМЕ НА ЗАЈДИСОНЦЕ

20.45  „40 ГОДИНИ – ОХРИДСКИ СПОМЕНИ“ со Сефедин Бајрамов   - шлагери и серенади

23 ЈУЛИ – ВТОРНИК

11.00  ТЕАТАРСКА РАБОТИЛНИЦА  СО  МАРИЈА НОВАК – актер – секој ден до петок

20.30  ВЕЧЕР СО ХОР И ФОЛКЛОРЕН АНСАМБЛ од  Модра, Чешка

 

24 ЈУЛИ – СРЕДА

20.30  КУКЛЕН ТЕАТАР – СИ БЕШЕ ЕДНАШ ...  Снежана Караџова – Попова, Охрид

25 ЈУЛИ – ЧЕТВРТОК

20.30    ВЕЧЕР СО:  Јован Цветкоски,  НАТГ  „АМАТЕР“ – Охрид

 

26 ЈУЛИ – ПЕТОК

20.00 ВЕЧЕРНА ПРОМЕНДА – СО КАЈЧЕ ПО ЕЗЕРОТО – ОМУ „Методи Патче“ – Охрид

20.30  НАСТАП НА ЧЛЕНОВИ НА ТЕАТАРСКА РАБОТИЛНИЦА  - Марија Новак

27 ЈУЛИ – САБОТА

11.00  ФАЌАМЕ РИБА СО ЈАДИЦА  - Натпревар  крај езеро

17.30  РАБОТИЛНИЦА ЗА МОДЕРЕН ТАНЦ – „Соната“ – Охрид , раководител: Даниел Наумоски

20.30  ДУО ДИС – Денис и Стефани

 

28 ЈУЛИ – НЕДЕЛА 

11.00  ТРАДИЦИОНАЛНА КАЈАКАРСКА РЕГАТА „НОМЧЕ МИТРЕСКИ“

17.30   РАБОТИЛНИЦА ЗА МОДЕРЕН ТАНЦ – „Соната“ – Охрид

20.30  ЗАВРШЕН НАСТАП НА УЧЕСНИЦИТЕ НА РАБОТИЛНИЦАТА ЗА МОДЕРНЕ ТАНЦ

 

29 ЈУЛИ – ПОНЕДЕЛНИК

10.00 ИЗЛЕТ -  ЧОКОЛСКО  НП „Галичица“

20.30  СВЕЧЕНО ЗАТВРОРАЊЕ 

20.45  ВЕЧЕР СО ГРУПА  „САРАЈ“ – Охрид