Следува долго, жешко и `нестабилно` лето

 Вчера во 17:45 часот, календарски пристигна летото.

 Веќе од денес (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 22 декември 2019 година.

 Летото ќе трае 95 дена и ќе заврши на 23 септември во 9 часот и 50 минути (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента. Прогнозите на големите светски метеоролошки центри, укажуваат дека ова лето на Балканот и во Македонија ќе биде натпросечно топло и со чести појави на невреме. Се очекува температурите да бидат високи, но не и екстремни (ретко ќе поминуваат над 40 степени Целзиусови), а голема е веројатноста и за т.н. „продолжено лето“ кое ќе трае до крајот на септември и почетокот на октомври. Чести непогоди проследени со интензивни врнежи, грмежи и град, ќе има до средината на јули, а помалку во август и септември, со можни поплави во пониските предели, силна ерозија и свлечишта.

 Спротивно на тоа, во западниот и централниот дел на Европа, се очекува летото да биде екстремно топло, со голем број на шумски пожари. Овие прогнози се во согласност со сценаријата и проценките за климатските промени во овој дел на Европа. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење, кое често ќе се искачува над ризичниот индекс 9!

Интересно е да се напомене дека иако на северната полутопка почнува летото, по 10-тина дена, поточно на 6 јули, Земјата ќе биде најдалеку од Сонцето за оваа година или на 152 милиони километри – положба позната како афел. Сепак, оваа оддалеченост е само 2,5 милиони километри поголема од просечната, а со оглед на распоредот на копното (од кое поголемиот дел е на северната хемисфера), нема големо влијание врз температурите.

Извор: http://www.accuweather.com

Подготвил: д-р Ивица Милевски



Извор: www.igeografija.mk