Спуштени завесите на шестото издание на `Вдиши театар`

 Со настапот на театарскаите групи на Црвен крст Ужице и Црвен крст Крагуевац на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“  и во предворјето на црквата „Св.Софија“ беа спуштени завесите на шестото  издание на Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид од 12-16 јуни 2019 г. се одржа во Охрид.



  Талентираните млади актери од Ужице ја изведоа претставата „БРЕ ШОУ“ со која на оригинален начин преку формат на телевизиски ток шоу (Talk Show) се подбиваат со денешните пореметени вредности-риалити програми, политика, лошата мизичка сцена на овие простори и со луѓето и нивните креатори кои вешто ги користат за остварување на своите лични цели и интереси, а при тоа да манипулираат со широките народни маси кои се заслепени од новонастанатите трендови и идеали.



  Театарската група од Крагуевац ја изведе претставата „100 ЗА ЕДЕН“ преку која уште еднаш не потсети на трагичниот настан од втората светска војна кога фашистите на 20/21 октомври 1945 во Шумарице, Крагуевац  ги собраа обичните луѓе од улица, од пазар, од школа, од нива, од работните места за да ги стрелаат. Оттука и силна беше пораката што ја упатија младите од Крагуевац „ДОСТА Е НА СВЕТОТ ЕДНО ШУМАРИЦЕ“.

И оваа година Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според големиот  интерес, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал е светла точка во охридскиот културен простор.

 Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја искористија  да креираат театарска игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери,  силните хумани пораки кои ги упатуваат преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.