TrekkMe Охрид - новина на пазарот на туристички услуги од областа на алтернативниот туризам

 TrekkMe Охрид -  освежување на пазарот на туристички услуги во Охрид од областа на алтернативниот туризам.



  Лиценцираните туристички водичи Маја Чубриќ и Душица Матова кои рекреативно започнале со планинарење пред околу 3 години, понесени од питорескната природа и убавините на нашите планини дошле до идеја професионално да почнат да се занимаваат со водење странски и домашни гости низ Охридскиот регион на таканаречени “трекинг тури”. Тоа подразбира пешачење, разгледување, информирање и запознавање на гостите со пределите низ кои поминуваат и тоа на мошне интересен и уникатен начин. И двете зборуваат англиски и италијански јазик.



 Во овој момент во нивната понуда имаат 3 трекинг тури и тоа:

Тура бр. 1 Рача(Вила Марта)-Горно Коњско (Тераса “Утарна”)

Тура бр.2 Велестово-Шипокно-Горно Коњско (Тераса” Утарна”)

Тура бр.3 Горно Коњско (Тераса” Утарна”)-Студино (на бачило)

 Важно е да се напомене дека патеките по кои се пешачи се маркирани (обележани), а според тежината лесни. Тоа значи дека секој оној кој има желба за едно несекoјдневно доживување може да се пријави и да ужива во убавините на нашата речиси недопрена природа. Пешачењето  е добро испланирано и детаљно организирано на завидно професионално ниво. Искуство, за  кое од “TrekkMe” велат ќе го прераскажувате и паметите цел живот.



Периодов девојките работат на осмислување на нови тури, како и на можноста за креирање т.н. сопствени  тури каде туристите ќе можат сами да одберат и предложат рута на движење, а останатото го дефинираат заеднички со Маја и Душица.

Повеќе информации можете да добиете преку нивниот официјален инстаграм (trekkme_ohrid) или фејсбук профил (trekkmeohrid).