24 Мај - Денот на словенските Просветители

 24 Мај е Денот кога се чествуваат словенските просветители - светите браќа Кирил и Методиј. 

Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. За животот и дејноста на словенските просветители најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.
 
 Кирил и Методиј се родени во Солун во угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година.

 За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.



 Делото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици - Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, ползувајќи се со својот мисионерски метод, што имал за цел да им ја објави божјата вистина на новите народи, почнувајќи ја нивната културна самобитност, останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.

 Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.