Ноќеска започнува летното сметање на времето

 Во последниот викенд во март 2019-та година, ноќеска во 2 часот меѓу 30 и 31-ви март ќе започне летното сметање на времето.

 Стрелките на часовникот треба да се поместат за еден час нанапред, односно времето во 2 часот, ќе се смета како да е 3 часот. До крајот на март денот ќе се зголеми и ќе се стемнува околу 18 часот, а со поместувањето на стрелките, ден ќе имаме се до 19 часот, а на почетокот на летото и до 20 часот.

Преминувањето на времето од зимско кон летно и обратно првпат почнало во 1916 та година во државите на северот во Европа, а денес е практика во 70 земји од Светот.

Европските земји веќе се подготвуваат за конечно укинување на оваа практика.

Европскиот парламент гласаше во насока на прекинување на оваа практика, по што во соработка со земјите членки треба да се договори како тие ќе постапат во иднина. Крај на поместувањето на стрелките на часовникот ќе се стави во 2021 година.

Така, со предложените амандмани, владите кои планираат засекогаш да останат во летното сметање на времето последен пат треба да направат поместување на часовникот во последната недела на март, 2021 година. Оние држави пак кои го преферираат зимското сметање на времето, ова ќе го сторат во последната недела на октомври, 2021 година.

Македонските граѓани, во недела наутро, треба да го поместат часовникот за 1 час понапред, со што започнува летното сметање на времето, кое ќе трае до последната седмица во октомври.