159 години од доделувањето на `Ловоровиот венец` на Григор Прличев во Атина

 На денешен ден во 1860 година на традиционалниот конкурс за поема, што се одржа во Атина, македонскиот писател Григор Прличев доби „Ловоров венец“ за поемата “Сердарот”.

 Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1830 – Охрид, 6 февруари 1893) е истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од 19 век. Овој генијален книжевник според јазичната припадност е тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Според македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

 Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) во Атина тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се словенско во него – и тој ја одбил.

Со пригодна свеченост НУ Библиотека „Григор Прличев“ и ОУ  „Григор Прличев“ од Охрид денеска заеднички  ја одбележаа 159 годишнината од  денот кога Григор Прличев го доби Ловоровиот венец.

За учениците во ова основно училиште беше прикажан видео проектот „Од животот на Прличев“ од авторот: м-р Милчо Јованоски прв пат промовиран на годинашните „Прличеви беседи“ , а е збир од фотографии, видеа и текстови кои во 30 минутен колаж го отсликуваат животот на големиот Прличев.