Тодорова сабота - прва сабота од Велигденските пости

 Тодорова сабота е празник посветен на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, кој настрадал во прогоните на христијаните од страна на римскиот цар Максимилијан.

 Овој ден се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по смртта. Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост, византискиот цар Јулијан Отстапникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли. Меѓутоа, св. Теодор Тирон на јаве му се појавил на цариградскиот патријарх и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил и христијанските верници отанале неиспоганети пред нивниот најголем празник. Во спомен на овој настан, првата сабота од велигденските пости е наречена Тодорова сабота.

За празникот Тодорова сабота се поврзани повеќе верувања и обичаи, кои се разликуваат во различни краеви на Македонија.

 На пример, во Дебарца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле во црквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“.

 На Тодорова сабота, младите девојки изведувале и обичаи со кои сакале да дознаат кој ќе биде нивниот иден маж. За таа цел, во петок навечер, за време на вечерата, девојките го зачувувале првиот залак и го ставале под перницата. Притоа, се верувало дека момчето кое ќе го сонеле, подоцна ќе им постане маж. Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје“. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа којашто се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје“, „за воловско здравје“, „за коњско здравје“ итн.
 
 Тодорова сабота е празник на приврзаноста кон Велигденскиот пост.  Именден празнуваат Тодор, Теодор, Тодорка, Божидар..