Промоција на стихозбирката `Гравири – 40 години отпосле` од Славе Ѓорѓо Димоски

 Во понеделник, 18 март, во Прличевата одаја на НУ Библиотека `Григор Прличев` - Охрид, ќе биде промовирано второто и дополнето издание на стихозбирката `Гравири – 40 години отпосле` од Славе Ѓорѓо Димоски.  На тој начин  свечено  ќе се одбележат 60 години живот и 40 години од излегувањето на Првата книга (`Гравири`) на Славе Ѓорѓо Димоски.

 За новото издание на стихозбирката ќе беседи проф.д-р Димитар Пандев, а стихови ќе читаат Марина Димовска и Јован Цветкоски.

 `Гравири – 40 години отпосле` е стихозбирка која деновиве излезе од печат  во издание на ПНВ Публикации од Скопје, како репринт издание пропратено со нови критички согледувања од Венко Андоновски и Димитар Пандев.

Оригинално „Гравири“ се појави во реномираната едиција „Алфа“ во 1979 година кога авторот имаше 19 години, за тоа време и тие прилики доста рано, а во 1980 година беше наградена, со исто така, за тоа време реномираната награда „Млад борец“, Неколку песни од неа веднаш се најдоа во антологиите на македонската поезија, а книгата, според Венко Андоновски претставува “камен-меѓник во нашата поезија пред 1980 и по 1980 година“. Ова издание на „Гравири“, по четири децении, според авторот претсавува „проверка на свежината на тогашниот поетски полет и занес и дали тој занес уште трае“.
 
Книгата, покрај репринт изданието на „Гравири“ од 1979 година, збогатена е со новите текстови “Гравирање на голиот јазичен знак“ од Венко Андоновски и „Гравири – читани четири децении отпосле“ од Димитар Пандев, потоа со текстови од Милан Ѓурчинов, Димитар Пандев, Ѓорѓи Старделов, Слободан Мицковиќ и Веле Смилевски кои се појавиле во времето кога книгата беше актуелна, како и со прилози – фотодокументација од огласите во 1979 – 1980 година.

 Славе Ѓорѓо Димоски до денес објавил 18 одделни поетски книги од кои 5 за деца, осумнаесет одделни поетски книги му се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е една есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.

 За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Гран-при на европската поезија, и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.

Посетителите на промоцијата во понеделник ќе можат да го купат репринт изданието на `Гравири`, а во Прличевата одаја ќе биде поставена и изложба на дела од Славе Ѓорѓо Димоски, објавени на македонски и повеќе странски јазици.

Настанот е закажан во 18:00 часот.