Овој февруари `Ги запознаваме ретките болести`

 Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат `свој`, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена, ќе се обидеме поблиску да ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.

 Оваа едукативна кампања за запознавање на јавноста со ретките болести и предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести е проект на  Здружението на лица со ретки болести „Живот со предизвици“ и активистката на ова здружение од Охрид, Гордана Лолеска. Кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ стартува со емитување на видео, аудио и текстуални пораки на Супер радио од Охрид, на повеќе национални и локални телевизии, како и на повеќе онлајн медиуми, со тоа што секој ден ќе биде емитувана содржина за по една ретка болест.
 
Гордана Лолеска вели дека во овие видео, аудио и текстуални пораки за секоја ретка болест одделно се објаснува каква е болеста, каков е начинот на дијагноза, има ли лек за неа, дали тие лекови се достапни за пациентите во Македонија.

Како што вели Лолеска, целта на оваа кампања е да се запознае јавноста со ретките болести, но исто така сето ова да  допре и до докторите, особено педијатрите, кои се клучни во поставувањето на дијагнозата. Сето тоа е важно за навремено препознавање, поставување и лекување на истата.

Секој ден од февруари ќе имате можност да се запознаете со по една ретка дијагноза, а за тоа секако ќе имате можност да се информирате и на нашиот медиум.

Повеќе информации и детали за проектот организаторите ќе соопштат на прес конференција која е закажана за во четврток.

На овој начин ќе се одбележи меѓународниот ден на лицата со ретки болести, 28-ми февруари.