`Ниже Поле` - место за зимско уживање

 Вчерашниот снежен ден го искористивме за мала прошетка до ски-центарот Ниже Поле – Битола. Снежните врнежи не ни овозможија долго да уживаме во убвините на планината Баба, но секако, имавме доволно време да вдишеме од белината и чистотата на овој ски-центар.

 Почетоците на ски-центарот “Нижe Поле”  датираат од 1984 година кога беше изграден како реализација на дел од првата фаза од студијата “Пелистер-студија за зимско-туристичките можности”, изработена од страна на Проектантското биро “Тиволи” од Љубљана.



 Ски-центарот  `Ниже Поле` е сместен во падините на Баба Планина, лоциран над селото Нижополе на надморска висина од 1.300 м н.в. до 1.610 м н.в., а со градот Битола е поврзан со асфалтен пат со должина од 15 km.
 
   Скијачката сезона започнува од почетокот на месец декември и трае до крајот на месец март, но може да започне и во ноември а да трае најдоцна до април, зависно од временските услови.  Има три ски лифтови со вкупна должина од  2.150 метри и капацитет од 3.000 патници на час. Патеките се професионално подготвени со помош на 3 ратрак машини, а има патеки како за почетници, така и за напредни скијачи.


 
За сите кои имаат желба да научат, во рамки на ски центарот функционира и ски и сноуборд школа SSNL во која работаат врвни ски инструктори.

 После уживањето на снежните  патеки, може да се одморите и да уживате во топол напиток во кафе барот (бачило) кој функционира во рамките на овој ски центар.



 Посетата на овој ски-центар нема многу да ве чини, затоа што не ви одзема многу време да стигнете до него, а и цените за дневниот престој се сосема пристапни и прифатливи.

Ние ви препорачуваме, вие одлучете и уживајте во зимските денови!




ohridmagazine.com