Знаете ли зошто има годишни времиња?


 Причината за појавата на годишните времиња е тоа што оската на ротација на Земјата е наведната под одреден агол (66°33`) во однос на орбитата или патеката на Земјата околу Сонцето.
 
 Така, половина година, односно од 21 март до 22 септември, северната полутопка на Земјата е повеќе изложена (свртена) кон Сонцето, а следната половина година (од 22 септември до 21 март), во таква положба е јужната полутопка. Единствено 2 пати во годината, на 21 март и на 22 септември, двете полутопки се подеднакво свртени кон Сонцето и тогаш е рамноденица или еквиноциум.

 На 22 јуни пак, севрната полутопка е најсвртена кон Сонцето и тогаш на северната полутопка е највисоката летна положба или летен солстициум, односно летна долгоденица. Во исто време, на јужната полутопка Сонцето е најниско, во положбата на зимскиот солстициум или зимска краткоденица. 
 Поради различната изложеност кон Сонцето во текот на годината, доаѓа до нееднакво осветлување и загре­ва­ње на северната и јужната полутопка и појава, односно смена на годишни времиња. Така, од 22 декември до 21 март силно се загрева јужната полутопка (лето), а се лади северната полутопка (зима). Бидејќи во овој период Земјата е најблиску до Сонцето (перихел), би требало да се очекува летата на јужната полутопка да се многу пожешки. Сепак тоа не е случај, бидејќи на јужната полутопка доминираат пространи океански површини, што условуваат поладна циркулација на воздушните маси. Обратно е на северната полутопка од 22 јуни до 22 септември. Инаку, загревањето и ладењето на земјините полутопки е релативно бавно. Побрзо се лади и загрева копното отколку големите водени површини. Затоа, во континенталните области, најниските или највисоките температури се јавуваат околу месец дена по стартот на зимскиот/летниот период, додека покрај морските брегови тоа е околу 2 месеци од датумот на почетокот на овие годишни времиња. Така, во Република Македонија највисоките летни температури обично се во месец јули, додека покрај брегот на Егејското или Јадранското Море, во месец август. Слично е во зимскиот период.

Значи, кога оската на ротација на Земјата би била нормална (под агол од 90 степени) во однос на орбитата, не би имало годишни времиња, бидејќи сите делови би биле подеднакво изложени кон Сонцето. Обратно пак, да беше аголот многу помал од оној што е, годишните времиња би биле екстремно изразени и контрастни. Во такви услови, ништо не би било како што е, особено во однос на живиот свет и неговата адаптираност на годишните промени.


Автор на текстот: д-р Ивица Милевски

Извор: www.igeografija.mk