Промовирана Монографијата `50 години КУД Ѓердан` (фото)

 Денес во ресторанот “Билјанини извори”  на пладне, се одржа промоција на Монографијата “50 години КУД Ѓердан”, чиј автор е м-р Милчо Јованоски, а е создадена по повод 50 години од формирањето на Културно – уметничкото друштво “Ѓердан”.
 

 Воведна реч имаше авторот на Монографијата, м-р Милчо Јованоски, кој како домаќин на настанот ги претстави и другите гости вклучени во промоцијата.



  Свое обраќање, неизбежно, имаше и можеби најзаслужниот од сите, уметнички раководител, кој и до ден денес успева да шири радост, позитивна енергија и богати морални вредности кај најмладите, зашто како што вели и самиот - `сеуште не пораснав` - Методија Бараковски.



По официјалното претставување на Монографијата следуваше културно-уметничка програма, каде настапи наградуваниот и веќе докажан млад хармоникаш Петар Кочоски, а неколку сплетови изведоа најмладите играорки на КУД “Ѓердан”.

 Богатството од емоции избликна во делот на евоцирање спомени од годините минати во ова културно-уметничко друштво. Дел од присутните, секако дека беа поранешни членови на “Ѓердан”, и тоа играорци и музичари од различни генерации, кои несебично и искрено споделија свои доживувања, впечатоци, приказни за остварената љубов, и во тој контекст изразија благодарност до нивниот учител и двигател, чичко Менде.






 КУД “Ѓердан” официјално е формиран во април 1968 година, и тоа е прво фолклорно друштво во Охрид.
На 10-годишнината од постоењето “Ѓердан” го одржува 500-тиот концерт во хотелот “Палас”, а на 25-годишниот јубилеј веќе бројат преку 4300 концерти, посетени од над 3 милиони гледачи. Слободно, сега 25 години подоцна, бројката може да се дуплира.

Тоа е директниот повод и за Монографијата ”50 години КУД ЃЕРДАН” да се забележи се што може. Така, дел од историјата да биде зачувана во колективната меморија на градот и за идните генерации.
Искрено се надеваме, и посакуваме традицијата на “Ѓердан” да продолжи и во иднина. Со многу позитивна енергија, со нови, млади деца, да расте и понатаму да се развива ова друштво кое претставува бренд на Македонија, и значаен дел од историјата на Охрид.

Монографијата е во издание на НУ Библиотека "Григор Прличев" - Охрид. 




фото: Миле Миќуновиќ