Во чест на великанот на македонската драматургија, Горан Стефановски

 Синоќа во Кантербери, Велика Британија, почина великанот на македонската драматургија, Горан Стефановски.
Колку е големо неговото значење во македонската книжевност, култура, уметност, најдобро се спознава преку неговите зборови, во делата во кои  суштинско место има македонштината пред се.


 Стефановски завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година е професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Пред смртта живеел и работел во Лондон. Бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година на Македонската академија на науките и уметностите. Почина во Кантербери, Велика Британија на 27 ноември 2018 година, на 66 годишна возраст.

 Тој има напишано повеќе од 30 драми, сценарија за ТВ-филмови и серии, либрета и радио драми меѓу кои и „Лет во место“, „Демонот од Дебар Маало“, Дупло Дно“, „Чернодрински се враќа дома“, „Тетовирани души“, „Зодијак“, „Наши години“ итн. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“ и „Војдан Чернодрински“.

 Во продолжение сосема мал дел од големите мисли на нашиот великан: 

 "Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе.” („Дупло дно“)
 
“Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.” (Жив човек)

“Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ (Тетовирани души)

“Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ (Лет во место)

„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо)
“Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата…“ (Диво Месо)

„Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.“ (Конзервирани импресии)

„Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај да бидеме она што претпоставуваме дека сме.“ (Конзервирани импресии)

 „Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.“ (Приказни од дивиот Исток)