Свети врачи Кузман и Дамјан

 Денес се чествува денот на Светите Кузман и Дамјан - лекари, бесребреници и чудотворци.

Тие биле браќа родени во Азија, од непобожен татко и мајка христијанка. Таткото им умрел додека биле деца, а мајка им ги одгледала во христијанскиот дух. Од Господ добиле дар за исцелување на разни болести, и како што тој дар го добиле бесплатно и самите бесплатно ги лечеле луѓето, па затоа и луѓето им го дале името бесребреници.

Свети Кузман и Дамјан попозната како Мали Свети Врачи е македонски православен христијански црковен храм во Охрид. Се наоѓа веднаш под црквата Св. Константин и Елена, во непосредна близина на црквата Пресвета Богородица Челница.  Нема податоци за времето на подигањето на црквата бидејќи е уништен поголемиот дел од фрескоживописот. Најпозната икона од оваа црква е претставена на аверсот од банкнотата на 1000 денари.
 
 Живописот на црквата датира од XIV век. Највпечатливи се насликаните портрети на патроните од оваа црква, светите врачи Кузман и Дамјан, насликани на јужниот ѕид во една засведена арка. Во оваа црква за прв пат е насликан Св. Климент Охридски, кој како патрон и заштитник на Охрид е претставен со модел на градот, кој го држи во рацете. Во олтарната апсида е насликан ликот на охридскиот архиепископ Константин Кавасила.
 
  Сочуваниот дрвен иконостас со тордирани столбови, е најстариот сочуван иконостас од XIV век во Македонија. По конзерваторските работи од 1964 година, тој е целосно консолидиран. Иконостасот ја зафаќа целата широчина на коработ (околу 3 м), a висок е 190 см. Составен е од пет монолитни колонки во резба со капители и архитрав над нив. За разлика од едноставниот, без резба, архитрав, сите други делови на иконостасот имаат извонредна уметничка резбана изведба. 


фото: Митко Лукан