Од убавините на Охрид - Национален парк Галичица

 Националниот парк Галичица се наоѓа на истоимената планина која припаѓа на Шарско-Пиндскиот планински систем. За национален парк е прогласен македонскиот дел од планината во 1958 година поради особените природни убавини и исклучително богатата и ендемична флора и фауна.

 Планината Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија.  Таа е всушност хорст кој се издига помеѓу Охридската и Преспанската Котлина. Ваквата форма на планината Галичица и нејзината положба помеѓу двете најголеми езера во земјата претставува посебна вредност. Таа е маркантна во географската средина со својата импознантна големина. Највисокиот врв Магаро се наоѓа на надморска височина од 2.254 метри.

 Од овој планински прoстор се протегаат мошне убави глетки на Охридското и Преспанското Езеро. Посебно е атрактивна можноста посетителите во исто време да ги набљудуваат двете прекрасни езера. Пејсажните атрактивни, естетски и куриозитетни вредности се однесуваат и на самите планински страни, кои Галичица ги поседува.


   Поглед од снежна Галичица 

 Од високите видиковци на планината Галичица се протега и извонредна глетка, која допира до планината Јабланица и албанските планини од една страна и Пелистер од друга страна. Иако се работи за висок хорст со доминантност во овој простор и изразито стрмни страни, поврзаноста е многу добра. Преку оваа планина поминува патен правец кој ја поврзува Охридската со Преспанската Котлина. 

 Во геолошкиот состав на планината Галичица преовладува варовникот. Врз основа на ваквиот планински состав се темели појавата на бројни површински и подземни карстни рељефни форми. Од површинските карстни форми овде се јавуваат ували, вртачи и карстни полиња, а од подземни интересни се бројните пештери. Најголеми и најзначајни се: Црна Пештера, Мечкина Дупка, Самоска Дупка и други.

Од позначајните вредности на националниот парк „Галичица“ треба да се истакне бреговата линија на акваориумот на Охридското и Преспанското Езеро. Западниот брег на Охридското Езеро е претежно праволиниски, со еден видлив полуостров. За разлика од него, источниот брег, чиј најголем дел му пришаѓа на овој национален парк, се карактеризира со кривина. Вкупно 63км. од брегот на Охридското Езеро отпаѓа на линијата со стрмен брег, со помали и поголеми полуострови, ‘ртови и заливи. Како посебна вредност се наметнуваат спилите кои се наоѓаат на потегот јужно од полуостровот градиште, околу село Трпејца и кај манастирот Свети Наум. Бреговата линија на Преспанското Езеро има четири поголеми и три помали полуострови и два острови.
 
Интересната хидрографска форма и бујната околна вегетација, животинскиот свет на околниот простор, како и богатиот жив свет во водата, е така хармонизиран што го прави оваа извориште да биде едно од најпривлечните места во Република Македонија. Ова се должи и на прекрасните плажи кои се наоѓаат во непосредна близина, какои и на изворедниот манастирски комплекс Свети Наум. Растителниот и животинскиот свет се значајни вредности на националниот парк „Галичица“. Иако се работи за планина со тешко пристапни падини и камењари, како и висини од над 1.500 метри, сепак овде егзистира мошне интересна флора и фауна, која ги сочинува исконските вредности, што на националниот парк му дава посебна димензија.

Растителниот свет е претставен со преку 600 флористични видови, од кои преку 170 се од дрвенеста растителност. Ваква разновидност не може да се забележи на другите планини во Република Македонија. Тое не се однесува само на Република Македонија, туку и на значително пошироко простори.
Од дрвенестите растенија посебно внимание заслужуваат следниве: дивата и потомата фаја, боровата молика и муника, крупноцветниот повед халожина, шишмирот, дивиот костен и други.

Врз основа на вака нагласеното богатство, националниот парк Галичица може да се искористи за прошетки и трчање по рекреативните патеки. Лоцирањето видиковци на погодни места, какви што се гребенот Баба (1.631 метри), врвот Лако Сигној (1.953 метри), врвот Гола Бука (1.897 метри) и Еленов Врв (1.221 м.), над селото Велестово, како и на други места, треба да ги открие можностите на прекрасни гледки кои две котлини и планинските простори. Високите отсеци претставуваат извонредни терени за алпинизам. Така отсекот под врвот Магоро (2.255 м.) е висок 760 метри и е мошне поголем за алпинистичко освојување, додека отсеците под врвот Голем Врв и Туглајш, чија височина изнесува 180 метри, погодни се за алпинисти – почетници. Пештерите во овој национален парк се користат само од страна на спелеолозите, иако постојат услови за спелеолошки туристички активности. Зимско – спортските скијачки активности се одвиваат во комплексот Суво Поле, под врвот Томорос (1.675 метри), односно во комплексот Отешево, но постојат услови за вклопување и на други простори во овој вид туристичка понуда. Наведените можности за туристички активности извонредно ги надополнуваат активностите на капење и сончење, како доминантна туристичка понуда на овој простор.

Има две туристичко – рекреативни зони. Тоа се пределите од Пештани до границата со Албанија на Охридското Езеро и пределите од Стење до границата со Албанија на Преспанското Езеро.

 Во строго заштитените зони можат да се вршат само надгледувања за научни цели, а по исклучок и организирани посети за воспитно – образовни и културни потреби, по претходно одобрување од управата на националниот парк.