Сара и нејзиното семејство го започнаа процесот на лекување во Германија

 Нашата 15-годишна сограѓанка Сара Настеска, која боледува од Anemia Aplastica, и поради тоа итно и е потребна трансплантација на коскена срцевина, чиј донор е нејзиниот 2 години помлад брат Виктор, од вчера е во Германија.
Семејството Настески на социјалните мрежи информираа дека веќе се наоѓаат во клиниката каде треба да се изврши трансплантацијата, и оваа работна недела ќе започнат испитувањата кои му претходат на целиот процес.

Ви го пренесуваме нивниот исказ, и посакуваме што поскоро и успешно враќање на семејството дома.
 
`Почитувани сограѓани и сите останати хумани луѓе кај нас и во странство,
Ви се обраќаме со почит сакајќи да Ве известиме дека целото наше семејство се наоѓа во Германија. Благодарение на сите вас и Вашата хуманост започнавме со реализација на нашата цел. Овозможено ни беше авансно плаќање на дел од сумата, која е потребна за лекување во клиниката во Германија.
Веќе од вчера, 05.11.2018 година, по консултативен разговор со нив, договорено е во текот на оваа недела да се започне со почетни испитувања кои претходат на лекувањето, а ги опфаќаат двете деца.
Бидејќи сите вие хумани луѓе станавте дел од нас и од нашето семејство, Ве молиме од срце помолете се кон Бога да биде успешно лекувањето на Сара од нејзиното помало братче Виктор како донор.
Дозволете ни да започнеме, а потоа да ве известуваме за лекувањето.

Вечно благодарни, од срце,
семејство Настески.
`