Црквата Св.Димитрија во с.Велгошти се подготвува за големиот празник

 Во црквата Св.Димитрија во с.Велгошти денес се плетеа венци од цвеќиња за претстојниот празник Митровден.

 Жени, жителки на Велгошти,  со своите вредни раце направија цветни венци и го украсија црковниот двор, но и внатрешноста, по повод претстојниот празник Митровден.




 Митровден е голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитриј, кој се празнува на 8-ми ноември. Традиционално, празникот го означувал почетокот на студеното време (зимата). Празникот се одбележува со носење леб и вино во црква каде се осветува лебот, а се слави и со семејството и блиските. Вечерта пред празникот се прави `заслуг`, при што поблиските се канат со лепче на слава. На денот на славата се дава ручек од мрсни јадења, освен ако празникот е во ден кога се пости. Сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре, на овој ден слават именден кој се прави навечер.





Според народните верувања и обичаи, се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. Митровден бил показател каква ќе биде зимата – ако денот бил сончев, се верувало дека зимата ќе биде блага, со мал број студени денови. Ако на Митровден паднело снег, се верувало дека ќе трае до април.