Кон творештвото на Блаже Тренески

 Блаже Тренески е роден на 12 октомври 1931 година во село Врбјани, Дебрца Охридско во земјоделско – печалбарско семејство.Основно образование завршил во родното место, прогимназија со полуматурски испит во село Белчишта, а средно медицинско училиште во Скопје.

 Работел како медицински техничар во општина Белчишта и тоа како: раководител на амбуланта,  раководител на аптека и во исто време бил санитарен инспектор за училишните млечни кујни. Потоа се вработува во Домот за народно здравје во Струга. По една година доаѓа во Охрид и се вработува во Општата болница  како главен медицински техничар во Детското одделение во кое останал до пензионирањето.



 Првите творечки почетоци на Блаже Тренески датираат од 1952 година кога му е објавена песната „Болна Неша“ во списанието „Народно здравје“. Истата година песната е презентирана во Здравствената народна читанка а во следната 1953 година во „Здрав народ“.


 
 Златното, творечко време Тренески го достигнал во средината на седумдесеттите од минатиот век. Во 1974 година од печат излегува неговата прва стихозбирка „Од виолината на штурчето“. Стихозбирката содржи 26 песни и е наменета за најмладите. На лесен, разбирлив јазик Тренески им го доловува на децата светот на животните употребувајќи низа стилски фигури со кои сака на едноставен начин читателите да ги сфатат пораките. Интересно е да се спомене дека ликовната опрема на книгата е на уметникот и наставник по ликовна култура Слободан Пупиноски.Речиси секоја од песните има своја црно – бела илустрација. Книгата е во издание на „Развиток“ – посебна издавачка дејност при „Битолски весник“ од Битола. Седум години подоцна во 1981 излегува неговата втора стихозбирка наменета за деца под наслов „Месечеви насмевки“  во издание на „Детска радост“од Скопје. Таа е континуитет на првата стихозбирка и во неа поетот пее за природата од детството, за децата од соседството и релацијата помеѓу децата и возрасните. Јазично – стилски и лексички песните се побогати и им го доловуваат светот на децата на чудесно – волшебен начин.



 Во интервалот од 1990 до 1992 година Тренески пак е во детски фазон. Ги создава и објавува стихозбирките „ Фенерчиња“ и „Крилати фенерчиња“. И двете се во издание на Радио Охрид, кое своевремено ја развиваше и издавачката дејност. Седумдесеттината песни во двете збирки, според рецензентите: Науме Радически и Љупчо Силјаноски го потврдуваат поетот Тренески како добар познавач, автор кој има вродено чувство за природата и селото како неповторлив свет. Тој суптилно преку збор го слика околниот микро – свет завршувајќи со интересни макро – проекции во кој на еден басновиден јазик  се презентира една модерна интерпретација на детски песни. Поезијата за деца чиј автор е Блаже Тренески е преведувана и препејувана на јазиците на националностите на албански и турски јазик. Застапен е заедно со уште четриесеттина  автори во антологијата „Луле“ на албански јазик.



Тренески својот поетски порив преточен во детски песни  го изразувал и во негови објави најчесто во списанието „Другарче“.  Во архивата на нашата библиотека стои запишано дека творбите: „На овоштарникот на дедо ми“  и „Октомври, ветерот“ се објавени во 1990 и 1993 година.
Несомнено децата се негова најголема љубов. Тие што го познаваа го потврдуваат тоа. Деца дома и деца на работа, заедно со природата се негова постојана инспирација.

Но Тренески во роднокрајното одделение на НУ Библиотека „Григор Прличев“ е застапен со уште неколку книги во улога на собирач на народни песни од охрдискиот крај. Првата книга од оваа област ја издава во далечната 1975 година и таа носи наслов; „Подгорум село соборно“, три години подоцна во 1987 година излегува од печат книгата „Заѕвекоти ѓерданчето“. Во 1981 ја издава „Стојна ситноода“  а во 1984 година „Под сенка седат златари“ . „До каде одат земја се тресит “ објавена е 1986  година.  Збирките народни песни од охридскиот крај „Калина киска Невенова“ и „Пролетало мејче огноито“ се издадени во 1989 и 1993 година кај издавачот „Студентски збор“ – Скопје.



 Со собирачката дејност Тренески започнува од својата родна Дебрца и сам открива дека таму има непресушни кладенци од кои бликаат со стотици песни кои како народна – устна традиција се пренесувале од колено на колено. Агилен и работлив и среќен кога ќе пронајде нови дотогаш не слушнати песни, таков беше поетот и собирач на народни песни Блаже Тренески.По Дебрца оди и собира нови песни во Струшко и Кичевско. Песните ги објавувал така како што ќе ги запишел без јазични интервенции. Ги собирал од раните шеесетти и ги селектирал – тоа е периодот уште  пред сериозно да почне да се занимава со пишување сопствени стихови. Негови соработници – рецензенти и поттикнувачи најчесто се д-р Томе Саздов, д-р Науме Радичевски и д-р Марко Китевски ( последните двајца од неговиот роден крај ).
За својата плодна собирачка дејност Блаже Тренески е добитник на Седмономевриската награда на град Охрид за книгата „Стојна ситноода“ во 1982 година.
 


Во текот на својот живот Тренески е добитник на повеќе награди , дипломи и признанија. Добил диплома за  освоено прво место на Реонските смотри во 1953 и 1955 година  во Скопје, како ученик во средно – медицинското училиште. Во 1974 година по повод денот на ослободувањето на Охрид, доделено му е Признание за негово залагање и постигнати значајни творечки успеси во развојот на народното и литературно творештво во општина Охрид. Од НИО „Студентски збор“ – Скопје по повод 40 годишнината од излегувањето на првиот број на весникот доделно му е Признание за особен придонес во соработката, развојот и афирмацијата на „Студентски збор“.



Творечкиот и животен пат на Блаже Тренески згаснува во Охрид на 1 мај  2015 година.
За среќа Роднокрајното одделение на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид го чува сиот негов творечки труд кој е на показ на читателите и научните работници кои се занимаваат со теорија на литературата и нејзината вредност.






 Подготвил: м-р Милчо Јованоски, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.