Манастирскиот комплекс Свети Наум – парче рај на Земјата

  Човек не може да дојде во Охрид, а да не го посети манастирскиот комплекс Свети Наум. Оддалечен 30-ина  километри од градот, комлексот нуди раскошна природа и убавини кои се одмор за телото и душата. И повикува повторно да го посетите. Популраноста на манастирот се должи на прочуената чудотворност на Св. Наум, сите негови моќи и доблести. Тоа е така уште од неговото создавање, и секако, трае до ден денес.  Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.



 Првобитно, во манастирот се одржувал панаѓур на денот на неговата смрт (23 декември, т.е. 5 јануари според новиот стил), но на 5 мај 1720 година, архиепископскиот совет во Охрид решил празнувањето да се префрли на 20 јуни (3 јули по новиот календар). Причината за тоа била наведена во посланието на архиепископот Јосиф од 21 мај 1740 година, во кое се вели дека поместувањето било направено поради зимските услови, како и поклопувањето со прославата на Божик. Празнувањето на св. Наум не престанало дури и за време на комунистичката власт. Така, Министерството за внатрешни работи на Демократска Федерална Македонија, на 14 јуни 1945 година, напишало допис со кој било дозволено „да се отвори границата за сите што доаѓаат за празникот во манастирот“, со што им се овозможило на верниците од Албанија да присуствуваат на панаѓурот.


 Во манастирот „Св. Наум“ до 1941 година секој ден се печеле по две фурни леб. Според едно предание, пред портата на манастирот, секогаш седел некој од манастирските луѓе и на секој човек кој ќе поминел му давал по еден леб. Потоа, тој што ќе зел леб, им давал по еден залак на домашните, како и на луѓето кои ќе ги сретнел. Оние кои патувале за Албанија, ако биле пресретнати од качаци, штом ќе го покажеле лебот со втиснат знак од манастирот, веднаш биле ослободувани. Исто така, кога игуменот ги испраќал калуѓерите да собираат придонеси за манастирот, тој им давал повеќе вакви лебови, кои тие им ги давале на гладните луѓе.

 Денес Свети Наум е едно модерно, но истовремено и автентично место кое нуди природа, ладни сенки, изворска вода, и душевен мир. И секако, комплексот Свети Наум е една од најпосетуваните дестинации и оваа сезона, а доказ за тоа се и фотографиите направени деновиве од страна на  наши читатели. Уживајте во неодоливата природа и раскош.