Наш предлог - не само за викенд, туку за секој момент од вашиот одмор

  Селoто Велестово лежи на планината Галичица (Петрино), на надморска височина од 1250 m. Оваа преубава планинска населба има изразито добра микро-клима, а надополнета со амбиенталната совршеност, претставува вистински практичен викенд избор за бегство од современиот урбан живот. Токму пејсажно-амбиенталната карактеристика е главниот адут на ова охридско село. Погледот на Охридското Езеро и градот Охрид, буди чувство на беспрекорност и неповторливост.

  Во селото се стигнува доста лесно: со автомобил, но може и пеш. Од градот Охрид е одалечено „само“ 4,5 километри, а до него води локален асфалтиран пат. Во селото не живеат многу луѓе. Според последниот попис од 2002 година, во Велестово постојано живеат 53 жители, главно пензионери. Нивниот број денес е нешто помал, но наспроти тоа, се зголемува бројот на нови куќи, а старите често се рестраврираат. Така, полека но сигурно, селото се претвора во викенд населба, укажувајќи на фасцинантните туристички потенцијали.
  Велестово не е само пејзажно чудо, склоп на совршениот допир на природата и општеството. Истото има богата историја, а најдобар сведок за истата е важното парче култура, пресликано во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која потекнува од 15-тиот век. Во селото има уште една црква, доста понова, црквата „Св. Троица“, осветена во 1989 година. Од богатиот културен пејсаж, Велестово може да се пофали и со посебни манифестации. Тука е традиционалната „Поетска ноќ во Велестово“ која се одржува веќе 30 лета по ред. Од рурално-туристичката програма, тука е и фамозната „Ѓомлезијата“, на која во вид на натпревар, се одбира најдобрата домаќинка, која го направила највкусното охридско „Ѓомлезе“.



  Велестово е убаво да се посети и лете и зиме, но и во пролет и во есен. Секое годишно време му дава посебна убавина на селскиот амбиент и пејсаж. Сместување има во самото село, во три посебно уредени вили (достапни за преглед и резервација и на booking.com), но и повеќе солидно уредени викендици се ставени на располагање на добродојдените туристи. Селото ги очекува таквите, а понатаму, од самиот љубопитен турист или истражувач зависи во каква нијанса сака да ја види охридската панорама. Но, туризмот не застанува во Велестово. Истото само ги отвора вратите на лесно допирливите соседни туристички локации, од едната или од другата страна на преубавата Галичица и секогаш восхитувачкиот Охрид.

 

Извори:

Панов М. (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија
Мијалов Р. (2014): Аграрот во функција на туризмот, Стобитрејд, Скопје
ТВМ – Охрид: Велестово, домаќин на првата ѓомлезијада (2009) http://tvm.mk/vesti/ohrid/4402-velestovo-domakin-prva-gomlezijada
www.vilavelestovo.com
„Поетска ноќ во Велестово“, Дневник, година XVIII, број 5542, петок, 15 август 2014, стр. 19.

Подготвила: Елена Личина, Институт за географија, насока туризам


Извор: www.igeografija.mk