Јубилејната, 30-та, Поетска ноќ во Велестово ќе биде посветена на најновата македонска поезија

  Јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово ќе со одржи на 20 и 21 јули на локации во Велестово и Охрид.
 

 Настанот ќе започне на 20 јули (петок) пред чешмата во Велестово во 21 часот.
 
Оваа година Поетската ноќ во Велестово ќе биде посветена на најновата македонска поезија, а на вечерната програма, која ќе ја отвори Горан Папаз со саксофон, ќе настапат шест поети:

Јовица Ивановски
Тихомир Јанчовски
Елизабета Баковска
Николина Андова Шопова
Ѓоко Здравески
Исток Улчар
 
 Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложба „15 години - Арт Поинт - Гумно“ со дела на уметници од светот.
 

 
  Во сабота на 21 јули  од 21 часот, предвидено е гостување на поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“ во кафе бар Шила.
 
Но пред тоа, истата вечер, во рамки на манифестацијата, а во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе се претстави романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Настанот ќе се одржи 21 јули (сабота) во просториите на МАНУ (куќа „Уранија“), Охрид со почеток во 20 часот.
 
Во рамки на јубилејот ќе биде издадена книгата „Гласови на новиот век – панорама на поновата македонска поезија“, во која застапени ќе бидат 32 современи македонски поети, како и јубилејното гласило на манифестацијата,  а во подготовка е и монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец.


 
 Во рамките на јубилејната година од манифестацијата ќе изостане меѓународната програма, на која требаше да се претстви најновата хрватска поезија.  На јавноста и е познато дека Министерството за култура не ја поддржа манифестацијата иако министерот Алаѓозоски на прес-конференцијата рече дека ќе вложи силни заложби за децентрализација на културата, а предност ќе имаат манифестациите со подолгогодишна традиција. Зад нас се 30 години.  Заради тоа од планираната програма изостанаа:
Гостување на пет хрватски поети и издавање книга посветена на современата хрватска поезија.
Ноќта посветена на македонската хаику поезија.
Гостување на организатори  на сродни манифестации од Европа.
Настап на претходни учесници на манифестацијата.
 
Манифестацијата иако со скратена програма, сепак, ќе се одржи со покровителство на Општина Охрид, со поддршка од Комерцијална Банка и повеќе љубители и пријатели на „Поетска ноќ во Велестово“.
 
 Ве покануваме во магичното Велестово, во петок, на 20-ти јули од 21 часот, заедно да уживаме во поезијата читана на чешма, на средсело, меѓу две неба, како што за Велестово и оваа манифестација запишал Богумил Ѓузел и да го прославиме заедно ова триесетгодишно чествување не само на поезијата, туку на уметноста воопшто.
 
 

Поврзани блог статии