Во најава - богата програма за утрешната Бела ноќ во Охрид

   Белата  ноќ го означува официјалниот старт на летната сезона, и како и секогаш нуди богата програма во чии рамки се застапени сите музички вкусови.

  Годинава, Белата ноќ ќе се реализира во сабота на 14-ти јули, од 18 часот кога на градскиот плштад ќе настапи ди-џеј Гец, но и други локални ди-џеи, кои до 21 часот ќе ги забавуваат домаќините но и сите гости во градот, за кога е предвидено да се обрати градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

 Дел од Белата ноќ е и концертот на Масимо Савиќ кој ќе се одржи на сцената на Анточкиот театар, а концертот преку видео-бим ќе се пренесува и на Градскиот плоштад. Забавата после овој концерт ќе продолжи на главната бина со настап на DJ Nasty DeLuxe, по кој ќе следува сетот на Ди-џеј Јане. Ѕвезда на вечерта ќе биде германскиот суперстар - DJ Tomcraft, а како заокружување на забавата е предвиден сетот на DJ Regie Rules.



 Додека трае Белата ноќ низ градот ќе настапуваат и учесници од годинешниот Баскер фест. Интересно е што главната бина ќе биде поставена на брод во Охридското Езеро, на кој ќе има и видео-бим и соодветно озвучување.
 Манифестацијата Бела ноќ е осмислена со цел градот да заживее во летниот период, па затоа во текот на ноќта ќе има многу забава и отворени објекти кои ќе нудат услуги со намалени цени додека трае целиот спектакл.
 
  Од Општина Охрид апелираат до граѓаните за разбирање и толеранција за време на манифестацијата, особено оние граѓани кои живеат во градското јадро и стариот дел на градот, да бидат трпеливи за успешно да се реализра целиот настан кој ќе ги прикаже и потврди  охриѓани како добри домаќини кои секогаш подаваат рака кон своите гости.