Грандиозно отворање на 58-то Охридско лето (видео+фото)

  Познатиот светски сопран Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану  синоќа приредија спектакуларно отворање на 58-то издание на „Охридско лето“ на  Античкиот театар во Охрид.



 Грандиозниот настап на двете оперски ѕвезди под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија уште еднаш ја потврдија репутацијата на Мошук како еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, но и на уметникот Братеску, како еден од најбрилјантните тенори на денешницата.  Публиката која го исполни големиот Амфитеатар уживаше во најпознатите и најпопуларните  оперски арии од Џакомо Пучини, Чарлс Гуно, Пјетро Маскањи,Винченцо Белини и од Џузепе Верди.

 Како посебно изненадување оперската дива Мошук ја изведе композицијата „Македонско девојче“ со што ги воодушеви посетителите на Антички театар.


 Фестивалот„Охридско лето“ за отворен го прогласи Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој е покровител на овој голем македонски културен бренд, и истакна  дека уметниците коишто ќе настапат на фестивалот, со себе  ќе го донесат светот, а потоа, во светот ќе го понесат Охрид како македонско огледало на европската култура.

 На свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ кој се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура, се обрати и министерот за култура Асаф Адеми  кој кажа дека токму овој фестивал што постои 58 години, зборува на најуниверзалниот и најбожествениот јазик.
Во име на учесниците на фестивалот, уметничката порака годинава ја пренесе маестралниот македонски актер Никола Ристановски кој притоа нагласи дека уметноста нема да се предаде, зашто како што рече, таа е последната палуба каде што луѓето се заедно,а вонвременскиот Охрид  е нејзиното приридно пристаниште.



 По грандиозниот концерт на Мошук и Братеску,  следуваше спектакуларен огномет над охридското небо, традиција која беше прекината повеќе години.

 Годинава, во своето 58-мо издание на Охридско лето, 40 фестивалски вечери ќе бидат исполнети со 46 настани на кои ќе настапат над 800 уметници од 27 земји од светот. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби,  ликовна, изложба на фотографии и на современ накит.