Пештери на планината Галичица


   Кога станува збор за планината Галичица неминовно е да се споменат процесите на карстификација. Тоа е така бидејќи тие процеси се најзаслужни за постанокот на пештерите на планината Галичица.
Планината Галичица (Вир 2.288 m) со својата височина претставува доминантна релјефна појава (хорст) сместена помеѓу басенот на Охридското Езеро на запад и Преспанското на исток. Има издолжена форма со меридијански правец во должина од околу 50 km, додека нејзината најмала широчина (с. Трпејца – с. Лескоец) достигнува 10 km. На планината Галичица само крајните јужни делови (Стара Галичица) се издигнуваат над 2.000 m надморска височина. Површината на ваквиот простор на територијата на Република Македонија изнесува 7,2 km2. Во соседна Албанија истиот зафаќа 11,6 km2.

 На планината Галичица се изградени поголем број на подземни карстни форми (пештери и пропасти). Покрај брегот од Охридското Езеро пештерите се сретнуваат во подножјето на клифот, односно рецентната езерска тераса (жало), на просторот од манастирот Св. Заум, јужно од селото Трпејца, па се до селото Пештани на север.

Геолошки состав игра мошне значајна и важна улога за постанокот на пештерите.
Геолошкиот состав во содејство со климатските карактеристики и некои тектонски движења, овозможиле целосно карстифицирање на планината Галичица. Токму поради ова, но и поради дејствување на некои надворешни сили и фактори се овозможило создавање на сите површински и подземни карстни форми.

1. ЦРНА ПЕШТЕРА
Пештерата се наоѓа во подножјето на Голем Осој (1005 m.), околу 0.5 km југозападно од селото Трпејца. Влезот на пештерата се наоѓа 1.25 m над езерското ниво. Истиот има северозападна експозиција, со широчина од 3 m и најголема височина од 2.5 m. Вкупната должина на пештерата Црна Пештера достигнува 14.5 m, со површина на пештерската внатрешност од 40 m2.

2. НАУМОВА ПЕШТЕРА
Тоа е една од најинтересните регистрирани и испитани пештери покрај брегот на Охридското Езеро. Се наоѓа во непосредна близина на Црна Пешт, односно десетина метри северно од нејзе. Вкупната должина на Наумовата пештера изнесува 27.75 m со површина на внатрешноста од 167 m2.

3. ПЕШТЕРА ГОВЕДАРНИК
Пештерата Говедарник или како изворно се нарекува Гоедарник, се наоѓа во подножјето на истоимениот клиф, кој народот го нарекува и Пладниште. Тоа е клиф со должина од околу 300 m, а се наоѓа помеѓу селото Пештани и полуостровот Градиште. Природниот влез на пештерата денес е затворен (бетониран). При деталните истражувања измерена е вкупна должина на пештерата од 34 m. со површина на нејзината внатрешност од 86 m2.

4. ПЕШТЕРА ОРЕВЧЕ
Таа е најмала пештера која е истражена покрај брегот на Охридското Езеро. Меѓутоа, по одредени свои специфичности, иако со мошне мали димензии, истата го свртува своето внимание. Се наоѓа на север од пештерата Говедарник, 10 метри над езерото. Пештерскиот влез кој е предиспониран кон североисток, има доста интересна форма. Во целина гледано, пештерата Оревче има речиси кружна форма (8×5 m), со површина од 39 m2.
Претходно споменатите пештери (Црна Пешт, Наумова, Говедарник и Оревче) се наоѓаат во ниво на езерското жало, односно во подножјето на клифот. Во тој поглед пештерата Оревче, како што веќе е изнесено, се наоѓа 10 метри над езерото. Сето тоа јасно укажува на нејзиниот постар еволутивен стадиум во однос на другите пештери што се наоѓаат покрај Охридското Езеро.
Присутни се и пештерски украси во пештерата. Овде се сретнуваат поединечни и споени сталактити, сливови, а има и сталагмити. Во крајниот југоисточен дел, како и во северозападниот, изградени се неколку травертински басенчиња.

5. МЕЧКИНА ДУПКА
Пештерата Мечкина Дупка се наоѓа источно од градот Охрид, во негова непосредна близина, на надморска височина од 810 метри. Влезот во пештерата е сместен во североисточниот дел на една помала вртача длабока 1.5 m. Вртачата (5×3.5) изградена е на зарамнета површ од 800-820 метри, поради што пештерата, односно вртачата тешко се забележуваат. Должината на пештерата Мечкина Дупка изнесува 23 метри, додека нејзината должина заедно со горниот дел од пештерската сала и споредниот пештерски канал достигнува 33 метри. Пештерата Мечкина Дупка зафаќа вкупна површина од 55.75 m2.

6. ПЕШТЕРА КАЈ СЕЛОТО ЛЕСКОЕЦ (ПРЕСПА)
Пештерата се наоѓа во непосредна близина на селото Лескоец , односно под врвот Стрнина (1107 m). Влезот на пештерата е во подножјето на карпест отсек, на надморска височина од 1070 метри. Пештерскиот влез е со мошне мали димензии (0.6×1 m), поради што истиот во просторот доста тешко се забележува. Вкупната должина на пештерата изнесува 43 м., додека заедно со споредните пештерски канали, должината на пештерата кај селото Лескоец достигнува 48 метри. Трите пештерски канали зафаќаат вкупна површина од 69 m2, односно вкупната површина на внатрешноста од пештерата достигнува 96.25 m2. Во поедини делови на пештерата изградени се доста интересни пештерски украси. Првите пештерски украси се сретнуваат во источниот дел од ѕидот на пештерскиот канал кои се претставени со сливови. Од пештерските украси изградени се помали пештерски столбови. Првите две пештерски саливи се речиси без присуство на пештерски украси, меѓутоа во последната пештерска сала, особено на нејзиниот таван изградени се сталактити со големина до 0.5 метри.

7. ПЕШТЕРА ВОЈЛА
Пештерата Војла или како уште е позната под името Скалана се наоѓа 250 метри источно од патот Охрид – Суво Поле, за село Коњско. Влезот на пештерата мошне тешко може да се забележи, бидејќи истиот се наоѓа во лескова шума, на наднорска височина од 1450 метри. Вкупната должина на пештерата Војла изнесува 37 m. Длабочината на пештерата, од влезот до дното на најниската галерија достигнува 16 – 17 m. Пештерата Војла е најбогата со украси од сите пештери на планината Галичица. Украсите особено се сретнуваат во второто пештерско проширување, каде се претставени со многубројни сталактити, сливови и пештерски столбови кои имаат пречник и до 10 cm.

8. СВИНСКА СТРНА
Оваа пештера се наоѓа на самиот гребен Асан Ѓура на надморска височина од 1485 метри. Свинска Стрна претставува доста едноставна пештера, со скалеста форма. Вкупната должина на пештерата Свинска Стрна изнесува 35 метри. Истата нема пештерски украси, освен незначително присуство на сливови.

9. САМОСКА ДУПКА
Пештерата Самоска Дупка, не само по својата должина од 224 метри, туку и по останатите природни карактеристики во многу ги надминува останатите пештери на планината Галичица. Се наоѓа на источната страна на скарстената долина Студино, во горниот дел на помал скарстен дол кој попречно се спушта кон Студино. Пештерскиот влез се наоѓа на 1430 метри надморска височина. Вкупната должина на главниот пештерски канал во пештерата Самоска Дупка изнесува 207 метри, додека пак, вкупната должина, заедно со споредните канали достигнува 224 метри. Пештерата Самоска Дупка во основа претставува фосилна изворска пештера, односно пештера низ која истекувал подземен воден тек . По целата должина на дното од пештерата присутен е акумулиран наносен материјал, додека во поедини делови од пештерата изградени се мошне интересни пештерски украси.

Пештерите на планината Галичица можат да се забележат тргнувајќи од подножјето на самата планина, па се до некои повисоки делови. Се карактеризираат со речиси различна морфологија, а кај некои од нив се сретнуваат и пештерски украси. Нивната должина е од неколку десетина метри па се до најдолгата од 224 метри.

Литература:

1. Манаковиќ Д., Андоновски Т., Колчаковски Д. (1993): Подземни карстни форми во Националниот парк “Галичица”. Годишен Зборник на ПМФ, Институт за Географија, бр. 31-32, стр.: 37-71, Скопје.
2. Колчаковски Д. (2010): Категоризација и валоризација на подземните карстни форми во Националниот парк “Галичица”. Годишен Зборник на ПМФ, Институт за Географија, кн. 4, стр. 61-75, Скопје.
3. Колчаковски Д. (1993): Категоризација на позначајните пештери во Република Македонија. Екол. зашт. живот. сред. Том 1, Бр. 1-2, Стр.: 43-51, Скопје.
4. Колчаковски Д. (2006): Геоморфологија, Скопје.

Интернет страници:

1. www.wikipedia.org
2. www.galicica.org.mk

Подготвил: Трајче Лазороски

Извор: igeografija.mk