Пренесување на моштите на Свети Николај (Свети Никола Летен)

   Пренесување на моштите на Свети Николај во Бари (Свети Никола - Летен)

 Освен зимскиот празник Свети Никола нашиот народ празнува и друг празник посветен на Свети Николај Чудотворец архиепископ Мирликијски. Тоа е празникот Свети Никола – летен. Овој празник повеќе се празнува како селски празник со заеднички празнувања. На овој ден се празнува пренесувањето на моштите на Св. Никола од Мир (Ликија) во Бари (Италија). 

 Кога на Блискиот Исток почнал да продира исламот, многу населени места биле опустошени. Заедно со населбите страдале и гробовите на светителите. Меѓу нив била и Ликиската област каде што се наоѓал гробот на Св.Николај. Но Господ сакал моштите на така голем светител да не настрадат и да не бидат подалеку од верниците. Затоа една ноќ на еден праведен свештеник од градот Бари во Италија, му се јавил Свети Николај и му рекол да им каже на граѓаните и црковните старешини да ги пренесат во нивниот град моштите што се наоѓат во градот Мир во Ликија. Утредента свештеникот го раскажал својот сон на верниците и црковните лица и сите се радувале што Господ го дарувал нивниот град со светите мошти на Свети Николај. Подготвиле три бродови полни со жито и група верници и свештеници се упатиле кон градот Мир. Таму ги пронашле моштите и на 11 април испловиле од пристаништето, а на 22/9 мај пристигнале во градот Бари во Италија.
  Во тоа време јужните делови на Италија уште биле православни. На пристаништето се собрале многу верници и со свештениците славејќи го Бога ги пречекале светите мошти, и ги положиле во црквата посветена на св. Јован Крстител што се наоѓала покрај морето. Уште со првиот допир со светите мошти многу болни примиле исцелување, а за неколку дена оздравеле над сто болни, од различни болести. По три години бил изграден храм посветен на Светиот Николај и моштите биле пренесени во тој храм со многу голема свеченост Тогаш се востановило секоја година на 22/9 мај да се празнува денот на пренесувањето на светите мошти од Мир во Бари, но и од црквата „Свети Јован“ во црквата „Свети Николај – Чудотворец“.

   Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.
 Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека „Свети Никола је на морињата - да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат“.
  На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот Залив престанувал сообраќајот.
  И Е.Спространов во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој „шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј“.
 Во македонските народни песни Св.Никола е опеан како „стар Свети Никола“ кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: „Цркви гради стар Свети Никола, /градил ги е од злато и сребро“.
 
Доживеал длабока старост и умрел во 343 година.

Покрај овој ден православната црква во чест на Св. Никола го празнува и 19 декември.