Деветка - ново стрип списание во кое свој придонес имаат и охриѓаните Трајановски и Коцевски

 
 Вчера, во рамките на седмото издание на манифестацијата „Скопје креатива“ беа одржани два настани поврзани со стрип. Најпрво беше промовирана книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“, од Александар Стеванов, во соработка со Дарко Богданов и Сашо Гачев, а потоа беше промовирано новото македонско стрип списание „Деветка“, во издаваштво на „Стрип квадрат“.



 „Деветка“ со својот квалитет, пристапната цена од 90 денари и 60 страници, во кои покрај стрипови има и текстови за и околу стрипот, како и стрип илустрации, ветува дека ќе се задржи подолго на нашиот пазар.

 Свој придонес кон списанието имаа и нашите сограѓани, Владимир Трајановски и Јордан Коцевски, кои се меѓу дванаесетте стрип автори застапени во првиот број на “Деветка”.  Логото на ова ново списание е дизајнирано токму од страна на Трајановски, додека стрип сценаристот Коцевски е застапен со два стрипа (6 страни) во соработка со Игор Јовчевски и Дарко Богданов.



Списанието ќе излегува два пати годишно и се планира да биде дистрибуирано ширум трафиките во Македонија. Издавачите „Стрип квадрат“ размислуваат и за негова промоција во нашиот Охрид.