Синоќа заврши јубилејното Распеано Рибарче (фото-галерија)

 
   Синоќа во преубава атмосфера и преполна сала, во Центарот за култура Григор Прличев, се одржа јубилејното издание на фестивалот Распеано Рибарче.

 Годинава овој фестивал на детската песна прослави 20 години од своето прво емитување, и во таа чест, понуди вечер за паметење. 

 Покрај новите песнички кои оваа година се претставија на Распеано Рибарче, синоќа како дел од фестивалската програма беше и една мала ретроспектива на дел од песничките кои од 1998 па се до денес се испеани на овој фестивал, а дел од интерпретаторите кои некогаш настапувале, беа специјални гости на оваа манифестација, заедно со водителите кои минале на Рибарчето години наназад, а првиот од нив, Сашко Георгиевски, на момент ја презеде улогата на водител и во синоќешното шоу. И сето тоа немаше да биде како што изгледаше доколку не беше присутен целиот тим кој напорно работеше на создавањето на овој фестивал. Почнувајќи од директорот и уметнички директор Методија Бараковски, па и другите членови на тимот – Милчо Јованоски, Зоран Левески, Јовица Каралиевски, Димче Китрозоски и секако кореографите – Мери Димзовска и Елизабета Здравеска.

  На крајот пред роденденската торта, следуваше чествување, преку песничка, за човекот кој може да се каже дека ја зачна идејата и го создаде Рибарчето, а кој, за жал повеќе не е меѓу нас – Коле Петкуќески.

 За крај, останува и ние да посакаме среќен роденден и честит јубилеј Распеано Рибарче, со желба и надеж уште долги години да траеш и уште многу, многу јубилеи да прославуваш!




фото: Ване Петкоски - ИН ТВ

Галерија