32 години од Чернобилската хаварија!

  
   Чернобилска несреќа е најголемата несреќа во историјата на нуклеарните централи и до денес единствен случај на седми степен на нуклеарен настан според Меѓународната скала на нуклеарни настани.
На 26 април 1986 во нуклеарната централа во Чернобил, Украина дошло до експлозија. По првата, дошло до ланец од неколку експлозии и пожари кои создале радиоактивен облак во атмосферата кој потоа се раширил над широк географски регион. Радиоактивниот облак бил 30-40 пати поголем од оној што настанал над Хирошима.

  Облакот во текот на неколку следни денови се распространил над западниот дел на СССР, делови од централна и северна Европа, па дури до источниот брег на СевернАмерика. Големи површини од Украина, Русија и Белорусија биле тешко загадени, што предизвикало евакуација на над 336.000 луѓе од засегнатите подрачја. Според официјалните податоци, околу 60% од создадениот радиоактивен материјал завршиле во Белорусија.
  Несреќата предизвикала загриженост околу безбедноста на советските нуклеарни централи, поради што и запрела градбата на нови централи од истиот тип. Покрај тоа, предизвикала голем број жртви од радијацијата, како и огромни трошоци на засегнатите земји за деконтаминација и здравствена заштита.
  Поради таинственоста на властите во тогашниот Советски Сојуз, податоците за несреќата и последиците по животната околина и по здравјето на луѓето долго време не биле достапни. Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа, и проценува дека уште 9.000 други починале од рак директно предизвикан од радијацијата. Властите првобитно се обиделе да го сокријат инцидентот, но го признале дури откако зголемени нивоа на радиоактивно зрачење биле регистрирани и во Шведска.



  Поради високото ниво на радијација, околу нуклеарната централа е воспоставена забранета зона со површина од околу 2.600 km², во која и до денес не е дозволен пристап на населението. Соседните градови Чернобил и Припјат се целосно напуштени. Самиот реактор е залиен со бетонски саркофаг дебел над 1 метар за да се спречи радиоактивното зрачење. Целта на зоната е да се ограничи пристапот до повеќето опасни средини, да се намали ширењето на радиолошка контаминација и да се спроведат радиолошки и биолошки мониторинг активности. Денес, „Забранетата зона“ е една од најпознатите радиоактивно контаминирани области во светот и е раководена од страна на агенција на Државната служба за итни случаи на Украина.

  Околу 135.000 луѓе се евакуирани од тогашниот град Припјат, Чернобил и околните села каде се случила несреќата, па дури и илјадници луѓе кои биле изложени на радијација за време на санирањето на последиците.
Иако може да изгледа чудно, но во најкрвавата нуклеарна несреќа во историјата во Чернобил и покрај високото ниво на радијација, флората и фауната може да просперираат. Откако биле спроведени теренски истражувања од страна на научници, во Чернобил може да се забележат траги од повеќе животни и покрај контаминацијата. Се доаѓа до заклучок дека ова станало засолниште на многу животнски видови и тоа: волк, срна, дива свиња, бизон, зајак, дабар, видра, јазовец, кафеава мечка, рис, елен, лос, коњ, був и слично.

  Денес, оваа област е напуштена, срушена и претставува „музеј“ на една неповторлива хаварија. За некогашниот живот говорат само изгорените градинки, распаднатите згради, срушените болници, училишта и живеалишта, каде што само една човечка грешка го уништила сето тоа. Денес радијацијата е значително ослабната и можна е посета на туристи за кои направени се специјални туристички патеки да се избегне било каква можност од радијација. Градот изгледа како времето да е запрено и треба да се притисне некое магично копче за повторно тишината да се замени со врева. Можат да се видат креветите со расфрлана постелнина, школските клупи полни со книги, рѓосаниот забавен парк со мали автомобили за деца и големото тркало.



Извори:
• www.world-nuclear.org
• www.chernobylgallery.com
• www.bbc.com
• www.nationalgeographic.com
• www.chornobil.in.ua

Подготви:
Билјана Бабаноска
насока ГИС
 
Извор: www.igeografija.mk