Денес се празнува Лазарова сабота - денот пред Цветници

Лазарова сабота или  Лазаровден — е еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота.
На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.
Во Македонија со Лазаревата сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуват напредок на семејството здравје и среќен живот на поединецот. Овој обичај се нарекува Лазарување.



 И охридските Лазарки не отстапија од традицијата, па денес имавме можност да  сретнеме низ градот толпа насмеани лица, кои со песна го разубавија овој ден. За многу години Лазарова сабота!


Фотографиите ни ги испрати нашата читателка Даниела Сотироска.