Црква "Света Богородица - Каменско"

Главните белези на градот Охрид се многубројните цркви, храмови, кои секогаш пркоселе на забот на времето, успешно проживувајќи различен вид природни и други непогоди. Една од многуте и ден денес активни цркви е и црквата Успение на Пресвета Богородица (Света Богородица Каменско). Се наоѓа во строгиот центар на градот, над стариот чинар и фонтаната во чаршијата. Во нејзиниот двор се наоѓа гробот на дебарско-кичевскиот митрополит Антониј. Се смета дека црквата е изградена и живописана во 17 век, а била проширена во 1832 година. Изобилува со фрескоживопис, но и со два сводови на кои се насликани Пресвета Богородица и Исус Христос во централна положба. Во црквата има и раскошен резбан иконостас, чиј изработувач е непознат, а се претпоставува дека е мијачки мајстор.