Најстарото охридско дрво - Чинарот

Охридскиот чинар е најстарото дрво во градот, чие постоење според легендите и преданијата е од пред 11 векови, додека пак стручните лица процениле дека дрвото е старо околу шест века. Тоа е местото кое важи за главна раскрсница во охридската чаршија, место на вечна инспирација, простор кој со тек на годините имал свои особености и значења според потребите на луѓето, атрактивно и денес во секојдневието на граѓаните.  Чинарот е прогласен за споменик на природата, а денес се уште сведочи за историјата на градот Охрид. Надлежните служби  прават обиди за негово зачувување, особено од 2002 година кога силен ветер успеа да сруши една негова гранка со дел од старото стебло, па беше извршена  конзервација  за заштита од други слични незгоди.