Охридската саат-кула

  Едно од обележјата на Охрид што е интересно за посетителите на градот е и саат- кулата која се наоѓа во зеленилото на Бајрот, во месноста Дебој, Месокастро. Со едноставна архитектура, била изградена од Чавуш Дере Сулејман-ага во 1726 година. Висока е 12 метри, а часовникот е поставен во дрвениот крај на кулата. Во нејзиниот внатрешен дел, пак, се наоѓа натпис на кој е забележано името на нејзиниот градител. Часовникот бил наместен по муслиманското мерење на времето, и така останал се до Втората светска војна, кога стариот механизам бил заменет со нов, кој го покажувал времето по новите европски стандарди. После тој период, часовникот долго време не работи. Оскудни се податоците за целта поради која е изградена саат-кулата, а поради четирите пушкарници кои се наоѓаат на неа, се мисли дека била направена како одбранбен бедем за месокастрани кои биле надвор од градските ѕидини на Варош, а подоцна дека часовникот ги повикувал Турците на молитва. Во 1965 година, во неразјаснети околности, градската саат-кула настрадала во пожар. Градбата била оставена на забот на времето, се додека со странски донации не се врати во форма. Кога Нови Сад се збратимил со Охрид, се добиени донации за нов механизам и обнова на кулата. Овој механизам од чешко производство се уште се употребува. Обновата на кулата била извршена во 1979 година.