Најголемата вистина за Македонија, наречена Охрид

 
 
          Вистината наречена Охрид, е една од најголемите вистини за Македонија. Вечниот град е волшебниот рид, кој со своето исконско пулсирање ги поврзува старите со новите времиња за навек.  Нашиот Охрид е "жив" град, 2.400 години легитимен наследник на светлиот Лихнид, град со вткаени дострели на силната античка цивилизација.
 
          Всушност, ова парче земја ја прегрнува културната историја на Република Македонија во целост; како епископски центар во античките времиња, а подоцна и преку надалеку прочуената Охридска архиепископија низ вековите, градот ја претставува, исто така, целокупната црковна историја на Македонија; го носи името Балкански Ерусалим.
 
         Преку дејноста на Св. Климент Охридски, во овој град бил лоциран првиот Сесловенски универзитет во Европа. Охрид бил и најзначајната официјална престолнина на првата Македонско – Словенска држава, поточно на Самуиловото Царство.
 
             Охрид е преродбеничко жариште на Македонија во XIX век, а и ден денес останува најголемиот културен, духовен и туристички центар на Македонија, и накрај, како круна на вредностите, Охрид и Охридското Езеро се светско културно и природно богатство под заштита на УНЕСКО, од 1980 година.