Кикстартер кампања за новиот филм на Ана Јакимска

Македонската режисерка Ана Јакимска, која е на магистерски студии по режија на игран филм на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон, почна „Кикстартер“ кампања за собирање средства за снимање краток игран филм „Нема духови во туѓина“, за кој и се потребни најмалку 10.000 фунти. Кампањата ќе биде отворена до 4 мај, а снимањето треба да се случи кон крајот на идниот месец.

– Мојот проект за краток филм со наслов „Нема духови во туѓина“ беше изгласан на пичингот и доби поддршка од 3.000 фунти и опрема. За да ја надоместиме разликата што ни недостига, со тимот отворивме кампања на „Кикстартер“. Кампањата ќе биде отворена до 4 мај.Ова ќе биде мојот прв филм снимен во Велика Британија. Снимањето го закажавме за 18-22 мај, на локации во Лондон. Со јавното собирање донации, ние излегуваме пред целата јавност на отворен пичинг. На овој начин, секој може да прочита повеќе за приказната, да ги види биографиите на креативниот тим, да дознае како го замислуваме филмот и да одлучи дали сака да нè поддржи и да го гледа овој филм, вели Јакимска.



 Таа посочува дека со донација од 140 денари или повеќе, секој може директно да учествува во создавањето на овој македонски филм. 

Иако филмот целосно ќе се снима во Англија, приказната е македонска и е инспирирана од македонскиот фолклор. Во филмот ќе се зборува на македонски и на англиски.

Приказната ја следи Кира, британска фотографка со македонско потекло, која за првпат во животот патува во родното село на нејзините родители.

– Набрзо, Кира дознава дека жените се плашат од нејзиниот фотоапарат, верувајќи дека тој има моќ да им ја зароби душата. Кира не се откажува од обидите да ги направи портретите што ги замислила, но по ненадејната смрт на една од жените, станува свесна дека нејзините дејства имаат последици. Филмот ќе биде необичен и смел во својата визуелна и структурна поставеност, користејќи рамки и бои за да ја засили темата на претставување. Нарацијата е нелинеарна, а жанрот е сатира со хорор елементи инспирирани од македонскиот фолклор. Филмот има за цел да отвори дијалог за претставувањето на Истокот во уметноста на развиените земји, но и пошироко, за природата на филмот како уметност воопшто, појаснува режисерката Јакимска.


No Ghosts In Strange Lands by Diyanah Chan — Kickstarter