Втор ден Божиќ - Собор на Пресвета Богородица

На вториот ден од Божик, христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, којашто го роди Господ и Спасителот наш Исус Христос.

Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да ја прослават Неа, која е Богородица. Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест.

Во Охрид од древноста беше устроено наспроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.

 

Црквата утврдила веднаш после големите празници да се слават и учесниците во настанот што се празнува. Затоа денес се слави Пресвета­та Богородица. Зашто најчистата утроба на Марија беше единствена способна да го прими оној кој го надвишува се она што е создадено. Во таа смисла Црквата ја нарекува Девица Марија врата на спасението.

По повод празникот Собор на Пресвета Богородица-втор ден Божиќ, утрински богослужби  има во сите парохиски цркви во Охрид.