Свети Наум Охридски - Чудотворец

Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиот период и се празнува на 5 јануари (или 23 декември според јулијанскиот календар), а другиот во летниот период на 3 јули (20 јуни).

 Тој лекувал од секакви болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале. Свети Наум Охридски Чудотворец (са. 830 – 23 декември 910) е средновековен словенски научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета.
 
Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј.
  
Свети Наум Охридски Чудотворец починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Св. Климент во манастирската црква.

Со своите учители тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, Свети Наум заминал во Првото бугарско царство, каде го поминал остатокот од својот живот.
 
Првично тој живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа.
 
Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил.
 
Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство.
Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани.
 
Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.