Свети Николај Мирликиски - се што фатил позлатил, се што рекол се случило

Денес се празнува еден од најголемите зимски празници, Свети Николај Мирликиски. Со посни, но богати трпези, многу семејства го слават споменот и името на овој светец.

 Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо.
 
Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“. Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.
 
Во времето на царот Диоклецијан и Максимијан, кога христијанското население било прогонувано, мачено и затворано, истото му се случило и нему. Со доаѓањето на власт на Константин I Велики, престанало и прогонувањето на христијаните кои во исто време добиле и рамноправно место во Римското Царство. Присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја, каде се залагал за воведувањето на светото тројство. Поради голема ревност го удрил александрискиот свештеник Ариј. По ова, тој бил оптужен за ерес, бил прогонет од самиот собор и му било забрането понатамошно присуство на собирите. Според христијанската традиција на Свети Никола му било одобрено повторно присуство на црковните собири, поради јавувањето на Бог на избраните архиери велејќи им дека сториле голема неправда.


Црква Св. Никола, село Опеница - фото: Митко Лукан 

Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош од страна на болните, несреќните и немоќните. Христијаните веруваат дека тој помагал на сите повици и дека од неговото лице сјаело светлост. Во својата старост се разболел и починал на 6 декември 343 година.
 
Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во Германија, Холандија и Белгија се празнува како детски празник кога децата добиваат разни поклони во зависност од тоа кој колку бил послушен во текот на изминатата година. Заштитник на градот Амстердам, Руската федерација и Грција. Во грчкиот фолклор, Свети Никола се опишува како „Господар на морето“. Православната црква го смета за еден од најголемите и најпочитуваните светци. Градот Мира денеска го носи името Демре во Турција. Самите турци Свети Никола го препознаваат како Неол Баба.
 
Во христијанскиот календар, Свети Никола се слави на 6 декември според новиот Грегоријански календар т.е. на 19 декември, според стариот Јулијански календар.